Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска присуствуваше на отворањето на првиот Центар за работно – ориентирана рехабилитација за лица со попреченост во Струмица, чие отворање е поддржано од Швајцарската агенција за развој и соработка во партнерство со Министерството за труд и социјална политика и Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP).
„Кога говориме дека сакаме да изградиме едно општество за сите, тоа значи дека градиме општество кое што создава услови и можности за сите граѓани, да се вклучат во личниот и општествениот развој на еднакви основи. Лицата со попреченост претставуваат дел од нашите семејства, дел од нашето општество“, истакна министерката Шахпаска.
Таа посочи дека носењето на социјалната реформа од страна на Министерството за труд и социјална политика и преку мерките предвидени со оваа реформа, се овозможува вистинска инклузија на лицата со попреченост во нашето општество како и дека отворањето на Центарот е вистински пример како општествената заедница на локално ниво прави децентрализација на локалните услуги и креира политики за овозможување на лицата со попреченост да бидат вклучени на пазарот на трудот.
Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада, ја истакна важноста на социјалната инклузија како еден од столбовите за создавање цврста основа на еднакви можности за сите.
Освен во Струмица, во рамките на оваа заедничка интервенција во делот на социјалната реформа и креирање нови социјални услуги, во државата е основан уште еден ваков Центар во рамки на Јавна установа за рехабилитација на лица со попреченост која испорачува услуги од ист тип за лицата со попреченост од скопскиот регион.