Утрински Весник
Свет

Италија: Епидемиолошката состојба се подобрува, наскоро масовна бесплатна вакцинација

Италија: Епидемиолошката состојба се подобрува, наскоро масовна бесплатна вакцинација

Воведувањето регионални карантини во Италија, односно „црвени зони“ со строги анти-ковид мерки, даде резултати бидејќи епидемиолошката состојба е подобра, изјави генералниот директор на Одделот на Министерството за здравство за превенција, Џовани Реза, пренесува весникот „Фанпејџ“.

Бројот на новозаболени лица во Италија постојано се намалува во последните седум дена, вкупно 19.350 лица се заразени во последните 24 часа, а 785 лица починале за еден ден.

Реза објасни дека бројот на жртви на коронавирус ќе расте уште некое време, бидејќи смртните случаи регистрирани деновиве се оние пациенти кои се заразиле пред воведувањето на строги ограничувања.

Италијанската влада подготвува нова наредба што ќе важи од 4 декември до 7 јануари. Медиумите пишуваат дека ќе содржи ограничувања, пред сè полициски час од 22 до 5 часот наутро, а ќе важи и за Божик и Нова година, забрана за движење меѓу регионите, додека божиќката миса ќе се одржи во 18 часот наместо традиционално на полноќ.

Италија планира да почне програма за масовно бесплатно вакцинирање на населението, пред сè на старите лица и здравствените работници, од почетокот на следната година, објави министерот за здравство, Роберто Сперанца, пред италијанскиот парламент.

Тој посочи дека владата има можност да купи 202 милиони дози вакцина од различни производители.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Драма на аеродромот во Анталија, авион се запали – евакуирани 79 патници

Сибиха бара партнерите да и обезбедат на Украина системи за пресретнување на ракетите Орешник

Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд