Премиерот Зоран Заев ја ризикуваше својата политичка кариера само за да го одблокира патот на земјата за интегрирање во Европската Унија, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети изнесувајќи став во однос на интервујто на Заев дадено за бугарски медиум, а кое наиде на бурни реакции во јавноста.
Ахмети изјави дека се надева на конструктивност од страна на Бугарија и додаде дека очекува помош од Брисел за побрзо изнаоѓање заедничко решение.
„Сметам господинот Зоран Заев има добра волја да реши важен проблем што има врска со иднината на нашата земја, за отворање на преговорите со ЕУ. Тој ја стави во ризик својата политичка кариера за доброто на земјата и граѓаните на Република Македонија. Знаете дека ние се солидаризираме со нашите македонски сограѓани и никогаш не сме спориле за ништо, без оглед дали се работи за историја, јазик или култура. Порачувам да не обземаат емоциите, туку да бидеме рационални, што е можно поразумни за да го решиме ова прашање. Се надевам на поддршка од бугарската страна која се изјасни дека е за наша интеграција во ЕУ и верувам дека ќе покаже подготвеност да ги надминеме овие разлики и да го отвориме патот за членство во ЕУ. Верувам во европските вредности на Бугарија и верувам дека овие разлики ќе бидат надминати, набрзо, во наредните денови“, изјави Ахмети, по завршувањето на свечената академија во чест на Денот на албанското знаме.