Утрински Весник
Свет

Чавушоглу: Третманот на нашиот брод е неприфатлив

Чавушоглу: Третманот на нашиот брод е неприфатлив

Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, телефонски разговараше со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, при што го оцени за неприфатлив незаконскиот претрес на турскиот брод на Медитеранот,  пренесува „Дејли сабах“.

Чавушоглу се огласи преку официјалниот профил на „Твитер“ и се осврна на телефонскиот разговор со генералниот секретар на НАТО.

Тој наведе дека за време на разговорот зборувале за претресот на турскиот брод, како и за подготовките за состанокот на министрите за надворешни работи на земјите на НАТО, кој ќе биде одржан наредната недела.

„Нагласив дека третманот на нашиот брод е неприфатлив. Разговаравме за актуелните случувања во врска со Источниот Медитеран, Авганистан, Либија и Нагорно Карабах“, наведе Чавушоглу.

„Анкара ќе ги преземе потребните чекори на сите полиња против операцијата ИРИНИ на ЕУ поради нелегалното претресување на бродот под турското знаме кој пловеше кон Либија“, соопшти вчера Советот за национална безбедност на Турција.

Советот најостро го осуди незаконскиот претрес на бродот минатата недела од страна на германската фрегата која е дел од операцијата ИРИНИ чија наводна цел е спроведување на ембаргото на ОН за оружје кон Либија.

Бродот под турското знаме превезувал во Либија бои и материјали за фарбање и хуманитарна помош, а операцијата на ЕЕ соопшти дека не биле најдени нелегални материјали.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници