Утрински Весник
Култура

Оливер Мусовиќ со виртуелна изложба „Урбани шуми“

Оливер Мусовиќ со виртуелна изложба „Урбани шуми“

Локомотива – центар за нови иницијативи во уметноста и културата во 2020 година во рамки на програмата „Други простори“ поддржа развој на три современи уметнички дела на домашните уметници Зорица Зафировска, Оливер Мусовиќ и Филип Јовановски.

Користејќи различни медиуми, уметниците преку своите дела се бават со исклучително важни теми поврзани со екологијата, која ја разгледуваат како динамична категорија на меѓусебно поврзани, еколошки, општествени, демократски, како и културни процеси на секојдневното живеење. Делата истражуваат и се бават со јавниот простор, животната средина, урбаното планирање на градот и правото на одлучување на уредување и развивање на средината во која живееме. Делата опфаќаат истражување, документација и уметничка презентација на зелените површини, од планирање на градското зеленило и пошумување како дел од урбаните политики и просторното планирање до граѓански грасрут инцијативи за развој на урбани градини во одредени градски маала и четврти.

Оливер Мусовиќ прв ќе се претстави во рамки на програмата со неговиот фотографски проект „Урбани шуми“ кој ќе може да го проследиме како виртуелна изложба на платформата Кунстматрикс. Кон изложбата може да се пристапи на следниов линк.

Насоките за разгледување и навигација низ изложбата се наоѓаат на веб страната на Локомотива (www.lokomotiva.org.mk), како и на социјалните мрежи на организацијата. Истите се дадени и на самиот влез во виртуелниот простор на изложбата. Изложбата ќе биде отворена во петок, 27-ти ноември и ќе биде достапна за посета до сабота, 12-ти јануари.

За својот проект Мусовиќ вели: „Дрвјата се едни од најотпорните креации на природата кои играат важна улога во правењето на нашите градови погодни за живот. Од јавните паркови, преку општествените градини, па до уличните дрвја, секој аспект на вегетацијата на градот, без разлика колку е мал, сочинува дел од неговата поголема „урбана шума“. Но, како што се зголемува густина на градовите и зградите заменуваат сè повеќе дрвја, се поголема е загубата на градското зеленило кое не секогаш е веднаш видливо, но секако таа загуба е значајна.

Проектот за фотографско истражување на урбаните и пери-урбаните шуми во Скопје ја испитува просторните политики и политиките кон животната средина во специфичниот локален контекст.

Резултатот на проектот е дигитална фотографска серија на урбани пејзажи, која мапира и документира индивидуални дрвја на ниво на улица наспроти позадина на изграденото опкружување, групи на дрвја, паркови и други урбани шуми во Скопје. Ова не е научен, еколошки проект, иако во својата методологија користи некои конвергентни трансдисциплинарни пристапи, туку личен, поетски поглед на еден од жителите на градот за тоа како природата во градот се повлекува.“

Оливер Мусовиќ (1971) самостојно изложувал во Македонија, Швајцарија, Словенија, Србија, Австралија и Црна Гора. Учествувал на бројни групни графички изложби и изложби на современа уметност низ целиот свет. Учествувал и на резиденцијални престои во Германија, Чешка, Швајцарија, Кореја, САД, и Франција. Негови дела се застапени во повеќе јавни колекции и се публикувани во повеќе публикации – прегледи на современа уметност од најзначајните светски издавачи на уметничка литература.

Уметничките продукции се развиваат како дел од проектот „Програма на Локомотива во Кино Култура-проектен простор за современи изведувачки уметности и современа култура” финансиран од Град Скопје, и како дел од програмата „Други простори“ на проектот ACT: Act, Climate, Transition/Уметност, Клима, Промена, ко-финансиран од програмата Креативна Европа на Европската унија.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“