Досегашната практика од функционирањето на јавното приватно партнерство, ЈПП, во Република Северна Македонија, особено во делот на големи инфраструктурни проекти, покажува дека е мал нивниот број од оваа форма на инвестиции на национално ниво. Најпознати се проектите за скопскиот и за охридскиот аеродром и за посебната економска зона во Тетово. Од донесувањето на Закон за концесии и ЈПП во 2012 година, досега се реализирани само 29 проекти, најголем дел се мали и на општинско ниво, како што се оние за улично осветление и јавни згради. Ова стои во препораките на Светска банка кои се подетално разработени во Основниот извештај за тековната рамка за ЈПП, подготвен за медиумите, невладиниот сектор и пошироката јавност.
„Досегашниот мал број на ЈПП во РСМ и нивниот ограничен успех се резултат на недостатоците на регулативата, институциите и човечките ресурси. Несигурноста како најдобро да се искористи ЈПП, доведе до двоумење кај владините институции за нивно користењето, но и покрај тоа, со Законот за концесии и ЈПП од 2012 година се даваат солидни основи за негово регулирање. Има можност за подобрување на регулативата и приближувањето на одредени законски аспекти со европското законодавство“, стои во препораките.
Со овие ставови се согласуваат и одговорните од Стопанската комора на Македонија, СКМ, кои велат дека досегашниот концепт на ЈПП не беше многу популарен во нашата држава, затоа што, меѓу другото, тоа беше условено од правната рамка за оваа материја, недоволните институционални капацитети, особено на локално ниво, паралелно проследено со недоволната информираност и познавање на оваа проблематика од страна на реалниот сектор.
„Поради тоа во иднина би требало да се делува во насока на зајакнување на институционалните капацитети, како и на запознавање на компаниите со примената на прописите од областа на ЈПП. Важечката законска рамка ја сочинува Законот за концесии и јавно–приватно партнерство кој истовремено ги уредува доделувањето на концесии на добра од општ интерес и договорите за воспоставување на ЈПП. ЈПП се атрактивни за државата поради тоа што овозможуваат намалување на трошењето на јавни средства и зголемување на квалитетот и ефективноста на услугите кон крајните корисници“, велат од СКМ и додаваат дека, генерално, ЈПП може да креираат додадена вредност ако се придружени со ефективна имплементација и ако интересите на партнерите бидат заемно вреднувани во рамки на воспоставеното партнерство.
Неодамна Министерството за економија го подготви Нацрт-законот за ЈПП, а стопанствениците, како што велат од СКМ, очекуваат дека тој ќе биде проследен со темелни анализи за причините за досегашната недоволна искористеност на моделот на ЈПП меѓу јавниот и приватниот сектор, како и за очекуваните цели во иднина во секој случај одделно.
Инаку, во препораките на Светска банка се појаснува дека најчести примери за ЈПП се големи инфраструктурни проекти, како што се автопатишта, електрични централи, аеродроми, јавни згради, како училишта или болници, и општинско водоснабдување и управување со отпад, а оваа форма се користио особено кога јавниот партнер нема финансиски средства за да започне со солидна инвестиција, како на пример изградба на аеродром.
ЈПП најчесто се склучуваат во рок од 25 до 30 години, но може и подолго. Финансирањето на првичните трошоци на проектот е од приватниот сектор. Парите може да доаѓаат и од корисниците на проектот (иако што се патарините и транзитните такси) или да се во форма на фиксни месечни исплати од власта. Рокот од договорот секогаш треба да биде доволно долг за приватното претпријатие да најде мотивација да ја финансира изградбата и да одржува висок квалитет на услугата во замена за остварување добивка. Приватниот партнер учествува во проектирањето, изградбата, спроведувањето и финансирањето на проектот, додека јавниот партнер се фокусира на управувањето со јавниот интерес, преку дефинирање на целите на проектот и следење на нивното остварување.
„Доколку се спроведат на вистинскиот начин, со ЈПП може да се привлече капитал од приватниот сектор за зголемување на јавните фондови и стратешки, одржливо и ефективно да се искористат парите за клучни инфраструктурни услуги. ЈПП се добра основа за унапредување на социо-економскиот развој во земји со јаз во инфраструктурата, како што е Северна Македонија, каде јавните финансиски, човечки и менаџерски ресурси како и техничките вештини може да заостануваат во однос на исполнувањето на потребите за инвестирање“, посочува Светска банка во препораките.
Клучната улога во ЈПП треба да ја имаат министерствата за економија и за финансии, како и ресорните министерства и општините кои треба да ја фокусираат својата улога како „сопственици“ на проекти за ЈПП и да ги развијат потребните капацитети за спроведувањето на проекти, изработка на претфизибилити и физибилити студии и спроведување на тендерски постапки.
Има неколку видови ЈПП. Концесиско, кога на приватниот партнер му се плаќа главно со наплата на надоместок за давањето на услугите од проектот. Властите му го предаваат правото на наплата на надоместок за услугите во замена за изградба и работење на договорната услуга во определен временски рок и со определено ниво на квалитет. Неконцесиско, кога некои јавни услуги не прават пари или немаат стока или услуга што може да се продава туку обезбедуваат економски вредни услуги на заедницата, како училишта, библиотеки, канцеларии на власта. Во вакви случаи, властите плаќаат на приватната страна за трошоците за финансирање, изградба и одржување на овие објекти. А, типичен пример за ЈПП базирано на субвенција, пак, е системот за јавен превоз кога приватниот оператор наплаќа од корисниците за возењето. Меѓутоа, приватната страна добива и субвенција од властите за да се покријат трошоците за услугата одржувајќи ги трошоците за возење. Во договорот е утврден минималниот претпоставен сообраќај за воспоставување на ЈПП.
Без разлика на видот на ЈПП, Светска банка посочува дека мора да се почитуваат некои основни принципи: приватниот партнер да финансира, изгради (или реновира), стопанисува и одржува јавна услуга по најниски трошоци за животниот циклус во текот на времетраењето на договорот. Механизмот за наплата треба да биде структуриран на начин што нето- надоместокот на приватниот партнер ќе е поврзан со извршувањето. Плаќањето може да се намали поради лошото извршување на услугата, а може да се зголеми ако е подобро извршувањето на услугата. Отстапувањата од договореното водат кон раскинување на договорот со пенали.
Владата веќе амбициозно најави зголемување на сегашните 2 отсто од БДП наменети за јавни капитални инвестиции, на над 4,5 отст од БДП до 2022 година и дека ќе ги понуди на продажба државните компании кои работат со загуби подолг период. Според последните изјави на премиерот Зоран Заев, Владата сè уште работи на прецизирање на формата за продажба на дел од државните претпријатија, за кои (ќе) се подготвуваат програни и физибилити студии, кои ќе оценат дали тие ќе одат на целосна 100 процентна продажба на инвеститори или ќе се приватизираат по принципот на јавно приватно партнерство. Заев ги посочи „Железници и транспорт“, „Македонски пошти“, „Еурокомпозит“, ТЕЦ Неготино, Попова Шапка, Ливадиште, како и други државни земјишта, при што за „Македонски пошти“ посочи дека веќе има интерес од компании од Австрија, Словенија, Романија и Чешка.