Најновите податоци од британскиот Хоум офис откриваат дека повеќе од 2.000 баратели на азил ги лажеле службениците за имиграција за својата возраст, преправајќи се дека се деца за да ги подобрат шансите да останат во земјата, пренесува „Дејли мејл“.
Од 2015 година, владата испитувала 3.755 случаи на имиграција во кои возраста на мигрантот била во прашање. Од тие истраги, утврдено е дека околу 2.203 баратели на азил се на возраст над 18 години иако претходно тврделе дека се малолетни.
Реалниот број на измамнички побарувања од мигранти може да биде поголем бидејќи случаите против „децата“ не се отвораат ако се чини дека тие не се „значително“ постари од 18 години, по што возраста им ја проценуваат локалните социјални работници.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи изјави за „Дејли Меил“:
„Го поправаме нашиот расипан систем за азил за да го направиме цврст и фер. Ќе се обидеме да престанеме со злоупотреба на системот, истовремено грижејќи се тој да биде сочувствителен кон оние на кои им е потребна наша помош, пречекувајќи ги луѓето преку безбедни и легални патишта.“
Според сегашниот систем во Велика Британија, на децата-бегалци кои бегаат од војна, хуманитарни кризи или од тероризам им се обезбедува финансиска помош до 25-та година од животот. На оние кои имаат над 18 години, сè уште им се дава помош од владата, но плаќањата се многу пониски.
Asylum seeker pupil who ‘looks 40 and has thinning hair’ pictured after joining Coventry school as 15-year-old https://t.co/ZSsmYgRyXo
— The Sun (@TheSun) October 23, 2020
Проблемот со барателите на азил кои се претставуваат како деца беше нагласен во октомври кога родителите се пожалија дека „дете“ мигрант, кое изгледа како да има 40 години, се запишало во училиште во Ковентри, Англија. Владата допрва треба да ја открие возраста на мигрантот, но сликите што беа споделени на Интернет покажуваат јасни знаци на старост.
Проблемот не е нова појава. Во 2018 година, ученик беше отпишан од средното училиште „Стоук“ откако се утврди дека има 30 години, а не 15, како што тврдел тој.
Среде рекордните мигрантски бранови со бродови што го преминуваат Ла Манш од Франција, Советот на округот Кент (ККЦ) во август рече дека поради повеќемесечните вонредни барања, веќе не можат безбедно да сместат повеќе мигранти што тврдат дека се деца.
Подоцна ККЦ откри дека околу 25 отсто од илегалните мигранти со бродови кои тврдат дека се деца се всушност постари од 18 години.
Во октомври, истрагата спроведена од „Дејли меил“ откри дека советот исплатил над 300. 000 фунти пари од британските даночни обврзници за правни случаи против 25 мигранти обвинети дека лажеле за својата возраст. Истрагата утврди дека 13 од правните случаи се во тек, а другите случаи се отфрлени, повлечени или решени вон судот.
Натали Елфике, пратеничка пд Довер, рече:
„Ниту едно дете или младо лице не смее да тргне на пат со опасните мали бродови преку Ла Манш. Оние кои намерно лажат за својата возраст за да можат да го измамат системот треба да се соочат со законски последици“, рече таа, додавајќи дека Французите мора да сторат повеќе со десетиците милиони фунти што ги плаќа британскиот даночен обврзник за да ги заштити напуштените деца-мигранти и да ги чува подалеку од рацете на бандите за трговија со луѓе.