Џо Бајден утре ќе ги објави првите имиња за идната влада на САД, продолжувајќи ја работата за составување на неговиот тим два месеца пред стапувањето на должност, и покрај напорите на Доналд Трамп да го сврти резултатот од претседателските избори.
„Во вторник ќе ги дознаете првите имиња на членовите на владата на избраниот претседател“, изјави идниот шеф на кабинетот на Белата куќа, Рон Клајн за Еј-би-си.
„Треба да почекаме избраниот претседател сам да го стори тоа во вторник, пред продолжениот викенд по повод Денот на благодарноста“, додаде Клајн.
Њујорк Тајмс и Блумберг известуваат дека Бајден ќе го назначи искусниот дипломат Ентони Блинкен за државен секретар во неговата идна администрација.
Еден дипломатски извор рече дека Бајден се очекува да ја назначи Линда Томас-Гринфилд, црномурна жена која имаше високи позиции во администрацијата на Обама, за нов американски претставник во ОН.
Нејзиното назначување треба да го исполни предизборното ветување на Бајден за разноликост во новиот владин состав.
Што се однесува до позицијата министер за финансии, меѓу кандидатите за потесен избор на Бајден се и поранешната претседателка на Американската централна банка (FED), Џенет Јелен, актуелната гувернерка на FED, Лајел Брејнард, поранешната гувернерка на FED, Сара Блум Раскин и претседателот на Банката на федерални резерви во Атланта, Рафаел Бостиќ.
На национално ниво, Џо Бајден освои скоро 80 милиони гласови на изборите, додека републиканскиот претседател Трамп освои нешто помалку, 74 милиони гласови.
Исто така, Бајден доби 306 избирачки гласови, во споредба со 232 гласа до кои дојде Трамп.
Трамп, сепак, продолжува да ја повикува Републиканската партија да „се бори“ и да не им дозволува на демократите да ги уништат, како што вели, доказите за изборна измама.