Согласно одлуката за кризна состојба, доцна синоќа во Центарот за управување со кризи, се одржа седница на Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК. Штабот е оперативно стручно тело коешто раководи со активностите за превенција и справување со кризни ситуации.
Со Главниот штаб раководеше директорот на Центарот, в.д., Стојанче Ангелов, а присуствуваа претставници на субјекти во Системот за управување со кризи назначени согласно и Законот за управување со кризи (од министерствата за внатрешни работи, за здравство, за транспорт и врски, за одбрана и за надворешни работи и раководителот на Групата за процена, како и раководителот на Итна медицинска помош во Скопје, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, како и претставници на Армијата, Агенцијата за разузнавање, дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Црвениот крст на Република Северна Македонија).
На седницата, по конструктивна и куса дискусија, е утврдена рамка на активности на институциите во контекст за усвојување на Акциски план, согласно одлуката за кризна состојба.
Инаку, донесената Одлука за постоење кризна состојба на територијата на цела држава е во насока за заштита на јавното здравје во услови на постоење пандемија и заради спречување на болеста „Ковид-19“ и вирусот „SARS-CoV-2“ и заради спречување ширење во зголемен обем со што би се загрозила безбедноста на населението
Договорено е денеска во 16 часот да заседава Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК, а до тогаш, Центарот за управување со кризи изготвува Нацрт акциски план којшто се разгледува и се конкретизира заеднички на седницата, при што субјектите од СУК учествуваат во рамки на нивните надлежности и капацитети во насока за придонес во борбата против пандемијата.