Полицијата во Берлин уапси човек осомничен за убиство со сексуални мотиви, но и канибализам. Апсењето се случило откако полицијата пронашла човечки коски во градски парк.
Форензичарите велат дека жртвата е 44-годишен маж кој исчезнал пред два месеца, пренесува Би-би-си.
Кучињата трагачи им помогнале на полицајците да го пронајдат осомничениот 41-годишен професор по математика, пишуваат германските медиуми.
Минувачи во паркот пронашле човечки коски на 8 ноември.
Неименуван полициски службеник за берлинскиот весник БЗ изјавил дека на една од пронајдените коски воопшто немало месо, а има и други индиции дека жртвата Стефан Т. всушност бил жртва на канибал.
Осомничениот убиец, за кого полицијата ги објави името и првата буква од презимето, Стефан Р. бил дел од некои групи на интернет, со содржина поврзана со делото, објави германската новинска агенција ДПА.
Жртвата, инаку електроинженер, го напуштил својот стан на 5 септември нешто пред полноќ и не се вратил во него. Неговите цимери подоцна пријавиле дека исчезнал.
Германските медиуми го споредуваат настанот со случајот на Армин Меивес, канибал, кој беше осуден во 2006 година на доживотен затвор. Тој ја запознал својата жртва на интернет-група посветена на луѓе заинтересирани за канибализам. Тој го снимил убиството на камера, а обвинителите откриле дека 44-годишниот Меивес ја убил својата жртва, 43-годишен маж, за да го задоволи својот сексуален нагон.