Поништената аболиција на експретседателот Ѓорге Иванов е уставна и законска, одлучи Уставниот суд. Според уставните судии, не смее да им се скрати правото на граѓаните за повлекување на аболиција, доколку сметаат дека можат својата невиност да ја докажат во судска постапка.
Одлуката е донесена со пет гласа „за“ и со три „против“. Тоа значи дека членот 11а од Законот за помилување, кој пратениците го вметнаа во законот во 2017 година, откако Ѓорге Иванов прогласи колективна аболиција за 56 лица, е законски.
Имено, членот 11а мораше да се вметне во Законот за помилување затоа што Иванов немаше друга основа за повлекување на сите дадени помилувања. Откако пратениците му дадоа таква законска можност тој по нецели два месеца откако даде, ја поништи одлуката за аболицијата.
Претходно, Иванов за да одлучи да ги помилува сите осомничени, обвинети, па по грешка дури и сведоци во постапките на Специјалното јавно обвинителство, се повика на членот 11 од Законот за помилување кој практично не постоеше во правниот поредок. Затоа тогаш, во април 2017 година, правните експерти коментираа дека аболицијата воопшто не е можно да се даде затоа што членот на кој се повика Иванов не постои. Многумна признати професори, како Светомир Шкариќ, Гордан Калајџиев, па дури и Гордана Силјановска Давкова, која е дел од партијата на Иванов, се противеа на така изречената аболиција без законска поткрепа.
Во 2016 година, со цел да му отвори пат на Иванов за поминувањата, Уставниот суд ги укина сите измени во Законот за
помилување донесени во парламентот во 2009 година. Со тие измени во 2009-та практично се брише членот 11 од Законот
за помилување од 1993 година, а токму тој член му давал право на претседателот, без процедура низ другите институции, самиот да определи кого и во која фаза од постапката ќе го помилува.
Но, тоа што во 2016 уставните судии ги укинуваат измените од 2009 година, не значи дека на сила го вратиле членот 11,
оној кој му го дава тоа дискреционо право на претседателот во законот од 1993 година. Тоа е така бидејќи Собранието во 2009 година целосно го избриша тој член од Законот за помилување. Иванов сметајќи дека членот 11 е вратен во игра, иако тоа не е можно, одлучи да даде аболиција на 56 лица, колективно, без индивидуализација на решенијата, без конкретни кривични дела, па дури за некои од неговата партија, како Груевски, Јанкуловска, Јанакиевски… ги аболицираше по десетина пати.
Аболицијата се спроведуваше низ обвинителствата и судовите сè до моментот кога во јуни 2017 година Иванов, под притисок на јавноста, одлучи да ја поништи врз основа на член 11а, вметнат непосредно пред тој да се одлучи да ја отповика аболицијата. Токму тој член 11а беше тема на денешната седница на Уставен суд, за да се провери дали Иванов имал право да ја поништи еднаш дадената аболиција. Судиите одлучија дека законски ја повлекол. Со тоа се отвора патот за предметите на СЈО да се процесуираат пред домашните судови.
Аболицијата на Иванов ја користат и обвинетите од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ во нивните тужби пред Судот за човекови права во Стразбур, со кои тврдат дека им се ускратени човековите права со тоа што им била поништената
аболицијата. Со ваквата одлука на Уставиот суд, нивното тврдење останува непоткрепено.