Демократскиот сојуз оценува дека ветото од соседна Бугарија за одобрување на Преговарачката рамка за почеток на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија, е непријателски чин кој ќе предизвика нарушување на односите помеѓу двете земји, ќе ги залади пријателските релации помеѓу граѓаните од двете држави, ќе ги загрози и забави европските перспективи на регионот, ќе ја наруши стабилноста на регионот, како и слободното движење на луѓето капиталот и идеите.
„Бугарија го проблематизира Договорот за добрососедство и го прекрши член 2 од истиот, кој обврзува на меѓусебна соработка и разрешување на сите отворени прашања по пат на дијалог. Во суштина, Бугарија со бруталниот настап и блокадата на Македонските европерспективи, се обидува да ги наруши основните обележја и елементи на секоја држава: постоење на народ, јазик, територија и суверено владеење“, велат од ДС.
Со негирање на автентичноста на Македонскиот народ и јазик, додаваат од партијата, Бугарија се обидува со уцена да го избрише македонскиот народ и јазик, а со тоа да го доведе во прашање и опстојувањето на македонската држава и Македонците кои живееат во Македонија, како и во Бугарија и другите соседни држави и пошироко во светот.
„Бугарија постави непринципиелни барања со кои длабоко ги повреди чувствата на Македонците и директно ги погази цивилизациските и европски вредности за слобода на национално, верско и друг вид на самоопределување. Да прифатиме дека Македонците имаат бугарски корења, а македонскиот јазик е бугарски дијалект, е класичен театар на апсурдот и такви тврдења во 21-от век се анахрони, неразумни и брутални“, велат од Демократскиот сојуз.
Според партијата, Македонија досега направила доста отстапки, го промени знамето, Уставот, името од Република Македонија во Северна Македонија, донесе закони усогласени со европските директиви, 14 години е кандидат за членство во ЕУ, направи бројни реформи и сега, велат од ДС, кога 27 земји членки се за започнување на пристапните преговори со ЕУ, Бугарија става вето и испорачува екстремно националистички барања и се меша во внатрешните работи на Македонија.
„Препорачуваме Владата да преземе дипломатска офанзива се’ со цел да се деблокираат евроинтеграциските процеси на Македонија. Сме за цивилизациски дијалог, за отворени граници со сите соседи, за меѓусебно разбирање и почитување, соработка на сите полиња и разрешување на отворените прашања без уцени и блокади. Очекуваме Бугарија да ги преиспита своите ставови и да го деблокира европскиот пат на Македонија“, велат од партијата.