Марко Михаилоски е избран за нов претседател на Социјалдемократската младина на Македонија, за време на 23. Конференција, која се одржа дигитално.
Михаилоски е досегашен член на ИО на СДММ и долгогодишен член на СДСМ.
На Конференцијата, покрај изборот на претседател беа избрани и членови на Надзорниот и Централниот одбор на СДММ.
За време на Конференцијата се обрати Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, кој порача дека СДСМ продолжува со вложување во младите.
„Во изминатите три години реализиравме голем број на мерки и политки со кои ја зголемивме понудата на работни места и го олеснивме патот до прво вработување на младиот човек“, истакна Николовски.
Тој се осврна на досега остварените резултати во делот на младинските политики, како и на проектите зацртани во новата Програма на Владата предводена од СДСМ.
„Стапката на невработеност кај младите драстично ја намаливме на околу 35% од времето на 2016 кога беше 48,6%. Нашата цел е стапката на младинска неврабтоност до 2024 година да ја намлиме под 17 %, што е речиси двојно пониска младинска невработеност од сега и тоа е дел од нашата програма. Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување продолжува. Директна поддршка на младинското и женското претприемништво, претприемништво преку грантови во висина од 5.000 до 15.000 евра. Обезбедуваме поврат на персонален данок за сите нововработени до 29 години во првите две години од работењето. Парите одат директно на сметките на младите. Така ќе продолжиме. Продолжува мерката за 3.000 денари месечен младински додаток во производството за вработени млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование. Стабилен раст, повисоки плати и шанса за сите, шанса за младите – тоа носи новата развојна македонска економија, тоа е економски патриотизам на дело а јас би додал тоа е младински патриотизам. Само со СДСМ, само со СДММ иднината на младите е сигурна и стабилна, полна со шанси за сите, порача Николовски.
Генералниот секретар ги повика младите да се вклучат во процесот на создавање младински политики кои ќе го унапредат квалитетот на живот на сите млади лица во Република Северна Македонија.