Утрински Весник
Македонија

Возен ред на Железници за 2021 година – возот за Белград и Солун нема да сообраќа [инфографик]

Од 9 март повторно ќе сообраќа брзиот воз меѓу Скопје и Приштина

Железници на РСМ-Транспорт го изготви новиот возен ред на патничките возови за 2021 година, којшто ќе стапи на сила 13 декември годинава. Во домашниот железнички сообраќај ќе нема значајни измени во бројот на возовите што ќе сообраќаат кон Табановце, Велес, Битола, Гевгелија, Кочани и Кичево, додека во меѓународниот превоз целосно е укинат експресниот воз од Скопје за Белград и Солун. Досега овој воз сообраќаше во летните месеци, иако до пред неколку години постоеја и по два воза дневно кон Солун и Белград.

Со новиот возен ред меѓу Скопје и Табановце ќе сообраќаат по четири пара возови дневно, додека меѓу Скопје и Велес ќе има девет пара возови во текот на денот. Главниот град со Битола ќе биде поврзан со три патнички воза дневно, кон Гевгелија ќе сообраќаат два пара возови, а кон Кочани и Кичево по еден воз дневно. Речиси и да нема промени во временскиот период на поаѓања на возовите во споредба со годинашниов возен ред, како од Скопје, така и од другите градови кон главниот град.

Единствена меѓународна железничка линија ќе биде брзиот воз Скопје-Приштина-Скопје, кој од Скопје ќе поаѓа од 16:10, а од Приштина во 7:10 часот секој ден. Поаѓајќи од ваквиот возен ред, од скопската железничка станица во текот на едно деноноќие ќе има 15 поаѓања на патнички возови.

Од Железници на РСМ-Транспорт за потребата од поголем број на возови што би сообраќале во внатрешниот и меѓународниот сообраќај за „Мета.мк“ велат дека возниот ред се изработува врз основа на нивните материјално-технички капацитети со кои располагаат во моментов.

Тие информираат дека меѓународните понуди за патување со воз „Balkan Flexipass“ за територијата на Балканскиот полуостров и „Interrail“ за патувањата низ Европа можат да се набават и користат од нашите граѓани за странските земји каде што тие сакаат да патуваат, без разлика на отсуството на меѓународен сообраќај од и за Македонија. Од друга страна, понудата „CityStar“ и другите понуди потпишани врз основа на билатерални договори не важат за возниот ред 2020/2021 година.

Инаку, „Мета.мк“ веќе подолг период наназад пишува дека бројот на патнички возови во земјава константно опаѓа. Наспроти денес, во 80-тите години од минатиот век од скопската железничка станица имало по 40-тина поаѓања на возови дневно, што пак директно влијае и на бројот на превезени патници со воз во земјава. Во целосна спротивност со земјава, во земјите-членки на ЕУ од година во година расте бројот на превезени патници со воз, како во меѓународниот превоз, така и во внатрешниот сообраќај во државите.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

(Видео) Со колони знамиња прославено во Скопје Денот на албанското знаме

Јаневска: Директорот во студентскиот дом „Пелагонија“ набавил пилешко по цена од 570 денари за килограм

Ратите за новите автобуси ќе се отплаќаат од 2028 година, најавува премиерот Мицкоски