Утрински Весник
Македонија

Оштетените штедачи: Нашите пари се во нечии џабови познати на раководните лица на „Еуростандард банка“

Оштетените штедачи: Нашите пари се во нечии џабови познати на раководните лица на „Еуростандард банка“

Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка обвинуваат дека надлежните во банката дозволиле со години да бидат доделувани кредити, без при тоа да има навремена исплата на ратите за истите. Тие велат дека на крајот оштетени се токму тие – физички и правни лица депоненти на банката, чии средства, како што нагласуваат, им се украдени.

„ Единствено што остана после затворањето на банката се украдените пари на депонентите сместени во нечии џебови добро познати на раководните лица од банката кои го оркестрирале овој голем криминал и оправдувањата од Народна банка дека тие се направиле што можеле а сепак се случувал грабеж во континуитет повеќе години наназад. И едните и другите се учесници во криминалот. Првите краделе а вторите ги гледале како крадат а не направиле ништо конкретно за да ги спречат. На крајот, оштетени сме ние, физички и правни лица депоненти на Еуростандард банка чии лични средства ни се украдени.

Состојбата на Еуростандард банка на денот на нејзиното затворање 12 август оваа година говори дека во банката има 149 фирми со ненаплатливи и тешко наплатливи кредити во вкупен износ од околу 55 милиони евра. Ниту една од овие фирми немала платено ниту една рата, а доцнеле со плаќање од неколку стотини до преку 1.300 денови. Земени кредити во стотици илјади до милионски суми во евра. Тоа што е најстрашно е обезбедувањето кај овие фирми. Имено, најголем број од нив имаат обезбедување во станбен и деловен простор, опрема, моторни возила, залог на трговска стока или земјоделско земјиште чиишто проценети вредности најчесто се движат од 5 до 50 отсто од износот на кредитот. Според извештајот од стечајот на банката подготвен од стечајниот управник Душко Тодевски, во такви фирми со поголеми разлики меѓу износот на кредитите и делумното обезбедување се вбројуваат: Екопластик Рисајклинг доо од Скопје (доцни со исплата 803 дена), Југотрејдинг ДН дооел од Струмица (доцни со исплата 363 дена), Багкоп (доцни со исплата 438 дена), Повардарие Шпедиција доо од Неготино (доцни со исплата 864 дена), Ено-Мак дооел од Скопје (доцни со исплата 742 дена), Агромел БВ дооел од Струмица (доцни со исплата 985 дена), Електро-спој дооел од Скопје (доцни со исплата 923 дена) и други.

Воедно, има и околу 60 фирми чиишто земени кредити се покриени единствено со меници како обезбедување, а има и кредити кои немаат никакво обезбедување. Според извештајот на стечајниот управник, такви фирми се: Атв Зеус (доцни со исплата 409 дена), Тете-Ем дооел (доцни со исплата 438 дена), Пинк Флај дооел од Струмица (доцни со исплата 438 дена), Јанев Трејд дооел од Струмица (доцни со исплата 438 дена), Зои Пер Компани дооел од Скопје (доцни со исплата 347 дена), Фероспектар (доцни со исплата 279 дена), Бартон дооел од Кавадарци (доцни со исплата 742 дена), Фероцем Плус дооел од Струмица (доцни со исплата 348 дена), ТП Конта План ХТЦ од Струмица (доцни со исплата 742 дена), Балкан Метал дооел од Скопје (доцни со исплата 530 дена), ТРД ТВ-Канал Вис од Струмица (доцни со исплата 620 дена) и други.

Вообичаено, банките бараат вредноста на обезбедувањето да биде повисока од износот на кредитот. Во нашата пракса најчесто покриеноста на кредитот со обезбедувањето е најмалку 120% па нагоре, зависно од видот на обезбедување. Тоа значи приложено обезбедување во износ од 120 илјади евра во парични средства може да покрие кредит најмногу во износ до 100 илјади евра.
Праксата со обезбедувањата за издадените кредити од Еуростандард банка била обратна. Не само што се делеле кредити во стотици илјади или милионски суми во евра кои никогаш не биле исплаќани, туку и обезбедувањето на тие кредити е далеку испод износите на истите и спротивно на интерните политики на банката како и на воспоставената и регуларна пракса на банките во земјава. Па така, откако сега Еуростандард банка е затворена, впаричувањето на обезбедувањата на така доделените кредити неможе ни од далеку да ја надокнади огромната загуба на депонентите кои ги загубија своите пари со пропаѓањето на банката.

Раководните лица од банката заедно со избраните фирми како и одбран круг на проценители, адвокати и други вмешани страни, го почнале, развиле и сработиле криминалот којшто траел со години. На сето ова, Народна банка увидела и знаела но слепо гледала и дозволила да се случува грабежот на нашите пари од депозитите на физички и правни лица. Резултатот од таквото однесување е познат денес. Во сред пандемија, голема здравствена и економска криза, криминалците од банката помогнати од замижувањето и неделувањето на Народна банка за време на нејзините вршени контроли почнувајќи од 2013 година па наваму, не оставија без нашиот личен капитал, имот, сигурност, здравје, живот, сегашност и иднина.

Уште на самиот почеток, веднаш после затворањето на банката, Народна банка се обиде и до некадае успеа да ја релативизира штетата кон депонентите кои го изгубија својот личен капитал и имот во банката. Па така, гувернерката Анита Ангеловска Бежоска побрза да извести дека само 0,6 отсто од депонентите во банката нема да бидат обештетени во целост. Свесно заборави да каже дека се работи за преку 700 физички лица и семејства кои загубија повеќе од 24 милиони евра лични пари доверени во банката за којашто самата гувернерка повеќе пати јавно тврдеше дека е сигурна и безбедна како дел од банкарскиот систем во земјава и дека граѓаните не треба да се грижат за своите депозити. Воедно, гувернерката Бежоска заборави да каже и дека околу 2.000 (со зборови: две илјади) фирми ги изгубија своите депозити, останаа заробени во банката, а сите овие фирми се законски должни да работат единствено преку банкарскиот систем. Се заедно, директно погодени повеќе од 2.700 семејства и уште најмалку 12.000 семејства на вработените во ограбените фирми.

Наша поучна лекција од овој криминал до сите други депоненти во банки е дека со вака поставен систем во земјава само вие лично или Господ може да ве спаси од проневери и грабеж на вашите депозити. Доколку грабеж се случи или случува во следна банка, криминалците би си ги триеле рацете од направениот плен на вашите депозити а Народна банка би се оправдувала дека направила се што можела, но дека криминалците сепак биле појаки од нив.

Нашата борба за вистина и правда продолжува до конечната цел – одговорност за сторениот криминал на сите учесници во него и целосно враќање на нашите лични средства, на физичките и правни лица депоненти на затворената Еуростандард банка“ се вели во соопштението на штедачите на „Еуростандард банбка“.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

УХМР: Од петок студен бран во Македонија – се очекуваат поројни дождови

Уште еден земјотрес ја стресе Македонија

Исчезната е Владанка Спиковска од Скопје – доколку некој ја види веднаш пријавете