Утрински Весник
Македонија

Законот за научно истражувачка дејност ќе биде донесен догодина, неопходни се стратегија и финансии

Законот за научно истражувачка дејност ќе биде донесен догодина, неопходни се стратегија и финансии

„До крајот на идната година, очекуваме да се донесе Законот за научно истражувачка дејност, но не порано бидејќи до тој момент капацитетот во Министерството за образование и наука е слаб. Дотогаш е предвидено помала група со предлог на професори од сите универзитети да направи драфт верзија за која до март месец ќе можеме транспарентно и отворено да дискутираме. Верувам дека за шест месеци после тоа би можеле да кажеме дека Собранието ќе го усвои, ако сѐ биде како што треба“ ова го истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска на денешната панел дискусија за развојот на научната дејност во Р.С. Македонија, по повод 10 Ноември – Денот на науката.

Таа потенцираше дека Законот е голем предизвик, не само поради финансиите, туку и поради посовремени модели на научно истражувачка работа кои треба да бидат препознаени, а воедно и капацитетите на МОН да воведува нови работи.

Министерката истакна дека Законот е нешто на кое сакаат да работат и вложуваат на подолг период, сè со цел усвојување Закон којшто ќе создаде системи одржливи за инвестирање. Затоа, како што рече таа, заради побрзи инвестиции, со Фондот за иновации и технолошки развој направиле грантова шема во која заедно сите факултети и институции коишто се занимаваат со наука, заеднички со бизнис секторот да аплицираат во ФИТР. Од доделените 34 научно-истражувачки проекти, најмногу (23) се на УКИМ, девет на Универзитетот Гоце Делчев од Штип и два на Универзитетот Свети Климент Охридски од Битола.

Ангела Најдоска, потпретседател за наука при Универзитетското Студентско Собрание на УКИМ рече дека желбата за истражување треба да започне уште од мали години, а за истата да произлезе кај младите, тие мора да се занимаваат со научни истражувања уште од основно образование. Најдоска истакна дека подоцна кога студентите ќе се запишат на факултетите ќе имаат повисоки знаења и веќе стекнати вештини за истражување, што резултира со подобар кадар за вработување кој ќе придонесе за подобар раст на економијата, а следствено на тоа и подобар стандард за живеење.

„Не треба да си дозволиме да се сретнеме со лабораторија тогаш кога ќе се запишеме на факултет. На факултет треба да отидеме со веќе стекнати лабораториски вештини. Проблем е што лабораториската опрема на факултетите е застарена и тоа е факт. Студентите учат од опрема која веќе не се користи и затоа кога ќе отидат на работа таму се сретнуваат со нова технологија, па затоа и стекнатото практично знаење нема ефект“ појасни Најдоска.

Поради горенаведеното, како што посочи таа, неопходно е да се формираат лабораториски центри на самите универзитети, а воедно и да се евалуира актуелната состојба, но и да се издвојат средства за нивно реновирање.

На дебатата свое излагање имаше професорот и декан на Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс ем“, Кирил Сотировски, кој истакна дека секое придвижување во образованието е придвижување и во високото образование, а со тоа директно и во научно-истражувачките науки. Меѓу другото, рече дека иако нашата држава не е центар на светот, сепак сме оставени сами на себе и мора да ги решаваме проблемите без оглед на сè, штом тоа можат да го прават поголемите држави од нашата.

„Едни од главните проблеми се немањето општ заеднички став за стратегија за високото образование (ВО) и научно истражувачка работа (НИР), тука мислам на политичката левица и десница, притоа за ВО и НИД се издвојуваат многу малку средства. Ад хок пристапот на владите, министерствата и политичките гарнитури исто така многу влијаат, а со тоа и администрацијата која најчесто е паритизирана и некомпетентна“ истакна Сотировски, кој преку презентација ги истакна предизвиците во нашето општество.

Тој потенцираше дека многу е важно кога министрите се залагаат и работат, тоа треба да остане така и по нивната промена, бидејќи кога доаѓа друга партиска гарнитура на власт, сè може да „падне во вода“ ако новите министри не се залагаат за истите цели.

На ова се надоврза и Најдоска која посочи дека главниот проблем е што често се менува Законот за високо образование, а со тоа не може да се најде една заедничка политика за која сите чинители ќе се согласат.

„Сите политички партии без оглед на нивната големина треба да седнат и да се договорат за една политика во врска со Законот за ВО која нема да се менува така како што ќе се менуваат и партиите, туку ќе остане за неколку години. Вложувањето во науката на почетокот може ќе се чини дека губиме средства, но тоа е инвестиција на долг рок и ако не ги видиме резултатите за 5 години, сигурна сум дека ќе ги видиме за 10 откако ќе изградиме младина која сака да истражува, а со тоа ќе се менува самото општество и размислувањата на луѓето“ потенцираше Најдоска.

Професорот Сотировски беше дециден дека е неопходно постепено да се инвестира во научно истражувачката дејност и тоа да биде одржливо. Како што рече тој, политичарите мора да договорат дека на годишно ниво ќе се зголемува процентот на вложување во научно истражувачката дејност и до тој договор да се држат и натаму.

На крајот, претседателот на Универзитетското студентско собрание, Борјан Ефтимов кој ја водеше дебата, ги сублимираше поентите, потенцирајќи дека без науката нема напредок. Тој воедно истакна дека пандемијата не треба да е демотивација кога треба да размислуваме за вложувања и напредок во науката, бидејќи токму таа е излез од сите кризи со коишто се соочуваат општествата.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Архитектонскиот факултет при УКИМ ќе одбележи 75 години

Ден на Академијата и доделување на признанието „Блаже Конески“ во МАНУ

Сончево со мала до умерена локална облачност, претпладне магла по одделни котлини