Методологијата за чистење на судството се очекува да биде објавена на крајот на првите 100 дена од мандатот на министерот за правда, Бојан Маричиќ. Во процесот се вклучени сите релевантни институции, под надзор на претставниците на Европската унија, пишува „Порталб.мк“.
Министерството за правда работи на методологијата за чистење или филтрирање на судии и обвинители, бидејќи Европската унија не даде дозвола за класичен „ветинг“, според моделот на Албанија. Во моментов се работи на наоѓање одговорност за оние кои ги застарувале предметите.
„Мора да потенцираме дека ова не е класичен ветинг каков што беше спроведен во Албанија, бидејќи не добивме зелено светло од ЕУ за таков процес, којшто се покажа како проблематичен. Процесот на консултации за чистење или филтрирање на судството се одвива во комуникација со Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, Комисијата за спречување на корупција; која треба да се вклучи во контролата на имотната состојба на судиите и обвинителите, а секако се вклучени и релевантните комори и здруженија. Моделот за филтрирање на судството и обвинителството ќе биде познат наскоро, односно во првите 100 дена од мандатот на министерот Маричиќ. Она што сега е познато е дека треба да се утврди одговорноста за застарување на случаите, за погрешно работење или за случаи на евентуална корупција или политичко влијание“, велат за „Порталб.мк“ од Министерството за правда.
Во врска со тоа, дали се чека формирање на некаква комисија од страна на Европската унија за спроведување на овој процес, од ова министерство велат дека државата ќе биде одговорна за истото, но претставниците на ЕУ ќе бидат информирани за начинот на кој ќе се спроведува.
„Министерството за правда е во тесна комуникација со Европската унија околу процесот на филтрирање на судството. Одговорноста за процесот е секако на државата, но за начинот на кој ќе се спроведува филтрирањето исто така ќе бидат информирани и претставниците на европските институции“, велат од Министерството за правда.
Реформите во судството секако се меѓу главните принципи на премиерот Зоран Заев, имајќи предвид дека Северна Македонија треба да започне разговори – а тие ќе бидат запрени веднаш ако судството продолжи со старата пракса – нетранспарентност, непрофесионалност, пристрасност, нееднаквост или влијание на луѓе од власта во нивните одлуки. За време на последниот мандат, реформите во судството, иако ветувани и постојано беа во говорите на властите дека ќе се реформираат, сепак, освен законите донесени на хартија – ситуацијата на теренот беше истата, дури со една причина помалку за да му се верува на ресорот кој има најмала доверба кај граѓаните, по скандалот со специјалната главна обвинителка, Катица Јанева.
„Ветингот“ беше едно од решенијата за кои постојано се зборуваше како директна алатка за запирање на практиката на нетранспарентност или неказнивост на судските структури, и покрај слабите резултати и скандалозните одлуки. Сепак, ЕУ не претпочиташе такво нешто поради горкото искуство во Албанија, каде институциите беа блокирани. Но, тоа не значи дека тие не барале чистење на судството. Барањето на Европејците беше државните органи на РСМ да го исчистат судството, но со постојните механизми, што се испочитува, и „ветингот“ според моделот на Албанија беше тргнат од маса.
За новиот модел, универзитетската професорка Беса Арифи, во анализа на „Порталб.мк“, процени дека истиот ќе го даде посакуваниот резултат, но дури и ако овој процес заврши на најдобар можен начин, самото судство мора да ја врати довербата кај граѓаните. Сè уште нема детали за тоа кој и како ќе го спроведе ветингот кај политичарите.