Броењето на гласовите од изборите во САД сè уште трае и истото се одвива во благo тензична атмосфера поради демонстрантите кои излегуваат на улица и поради ширењето дезинформации.
Самите избори значеа и поголема одговорност за социјалните мрежи, поради ширењето на лажните вести кое имаше големо влијание на исходот од изборите во 2016 година. Фејсбук, Инстаграм, Твитер и ТикТок, уште пред изборите кои се одржаа на 3 ноември годинава, известија дека на нивните платформи ќе има поголеми рестрикции за да се заштитат корисниците од лажни вести.
Броењето на гласови кое годинава трае подолго поради зголемениот број на гласови што пристигнуваат по пошта, доведе до зголемен интензитет на ширењето на дезинформации.
Фејсбук и ТикТок веќе блокираа неколку хаштагови кои беа корситени за ширење на дезинформации и теории на заговор поврзани со претседателските избори и броењето на гласовите. Блокираните хаштагови во главно се однесуваа на тврдењата дека Демократите се обидуваат да ги манипулираат изборите за да го симнат Доналд Трамп од власт.
На Фејсбук засега се блокирани хаштаговите #stopthesteal и #sharpiegate, кои одредени корисници ги употребуваат за наводи дека гласовите на Трамп останале непребројани во неколку држави. Истите хаштагови, како и #riggedelection беа блокирани и на платформата за кратки видеа, ТикТок.
Фејсбук вчера ја затвори и групата насловена „Stop the steal“ (Запрете ја кражбата) во која за само неколку часа се приклучија повеќе од 300.000 корисници. Од компанијата наведоа дека причината за повлекување на групата е поради повиците за насилство кои биле објавувани од страна на членовите.
Твитер, од друга страна, не блокираше ниту еден хаштаг, но затоа на неколку твитови постави етикети кои наведуваат дека твитот може да содржи неточна информација. Твитер претходно ги етикетираше твитовите и на актуелниот претседател Доналд Трамп во кои тој изнесуваше неосновани тврдења за имама или неправедно броење на гласовите од изборите.
Досега нема никакви јавни докази кои би ги поддржале наводите за изборни измами во САД.
Платфората за видеа Јутјуб се покажа неподготвена за тоа што следуваше по изборите, па сè уште размислува како да одговори на дезинформациите, пишува The Verge.
Во видеа кои се објавувани во последните три дена и кои имаат повеќе од половина милион прегледи, се тврди дека „Трамп победи со голема разлика“ и дека „Џо Бајден е сенилен и ќе биде отстранет од функцијата претседател доколку победи“. И покрај очигледните дезинформации , Јутјуб сè уште не ги отстранил ваквите видеа кои се многубројни и се споделуваат со голема брзина. И покрај политиката за борба против лажни вести, многу популарни канали успешно ја заобиколуваат забраната и сепак постираат видеа во кои се изнесуваат лажни тврдења.
Јутјуб од порано е познат по својата политика на “попустливост“ за корисниците.