„Мицкоски се бори само кога е во прашање неговата фотеља, а не и за интересите на членството на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните. Мицкоски кукавички одлучи да бега од изборно соочување во Штип, препуштајќи го без борба вмровскиот бастион на истокот. Неговиот повик за одложување на изборите не е ништо друго освен страв од сопствената неспособност и комплексите кои ги има од загубените битки со СДСМ“, рече Борче Стамов, член на Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата пред партиските простории.
„Мицкоски се откажа од борба за гласовите на разочараните неутрални гласачи и им ги препушти на останатите опозициски партии, порачувајќи им дека не може да се потпрат на него и на ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа прави штета и на краток и на долг рок, слабеејќи ги позициите на партијата во наредниот период. Приватното обезбедување и семејната занимација со партијата не смеат да бидат пред интересите на членството на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните. Делењето на пари по фантомски медиуми, отварањето кафулиња и богатењето на поединци не смее да биде поважно од судбината на активистите на партијата и граѓаните кои очекуваат подобра иднина“, додаде Стамов.
Членовите на Иницијативениот одбор порачаа дека партијата мора да закаже вонреден конгрес на кој ќе биде избрано ново раководство, а Мицкоски ќе ја напушти функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Затоа Мицкоски мора да си замине. На ВМРО-ДПМНЕ не му треба лидер кој бега и не се бори. Тоа не го заслужуваат ни членовите, ни граѓаните. Тоа не е опозиција. Партијата не е хидроцентрала. Во момент кога постојат протоколи и кога цела Америка гласа, лицемерно е да се повикува на корона пандемијата, а истовремено да се организираат протести додека членови на Извршниот комитет да тврдат дека короната не постои. Со секоја негова одлука и со секој изминат ден, станува се појасно дека Мицкоски нема капацитет и дека партијата ја носи во бездна. Тоа мора да запре и ќе запре со одржување на вонреден конгрес“, рече Стамов.