Во Старата скопска чаршија денеска беше извршена промоција на потпроектот „Чаршиски туризам во општина Чаир“, кој се реализираше во рамките на „Проектот за локална и регионална конкурентност“, во заедничка соработка на Владата, Делегацијата на Европската Унија и општина Чаир, со поддршка на канцеларијата на Светска Банка во Скопје.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши, амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир и директорот на Управата за заштита на културно наследство Ацо Костов, придружувани од градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, имаа прилика да направат обиколка низ чаршијата и да направат увид на направените зафати со кои се зачувува автентичноста на чаршијата, а се подобруваат инфраструктурните услови и за туристите кои ја посетуваат и за занаетчиите кои работат во чаршијата.
Зборувајќи на промоцијата на проектот, вицепремиерот за економски прашања истакна дека Старата скопска чаршија е уникатно место, кое дава особен шарм на градот, категоризирана е како туристичо место од врвна категорија, согласно критериумите за атрактивност за туристичка посетеност, а со своето културно, историско и духовно наследство, кое датира уште од 12 век, претставува голем развоен туристички потенцијал за општина Чаир и за градот Скопје.
„Старата Скопска Чаршија има голем стопански и културен потенцијал и ако сакаме да ја направиме место каде што ќе се разменуваат идеи и стоки на луѓето во регионот, тогаш сме должни да создадеме услови и да го заштитиме нејзиното културното богатство. Тоа значи зачувување на стариот и автентичен изглед преку одржување на соодветните материјали како што се каменот травертин и дрвото како карактеристика на чаршијата. Истовремено, создадовме подобри услови за занаетчиите и посебно за туристите, бидејќи сакаме ова туристичко место да се посетува како споменик на нашето културно наследство, препознатливо во државата и на Балканот“, потенцираше Битиќи.
Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека Министерството во изминатите неколку години во континуитет работеше на реализација на проекти за обновување на излозите на чаршиите низ целата држава.
Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир посочи дека чаршијата претставува живо сведоштво за долгите традиции на мултикултурализам, соживот, како и разновидност и токму поради тоа многу е погодно што токму чаршијата е домаќин на Европската улица од денеска.
„Магазинот „Lonely Planet“ ја има наведено Северна Македонија помеѓу 10-те топ земји коишто треба да се посетат во текот на 2020. Додека пандемијата со Ковид 19 ги натера повеќето луѓе да ги одложат своите планови за патување, Скопје и земјата сепак треба да ја искористат оваа можност и да се спремат за враќање на посетителите. Овој проект е само мал придонес во постигнување на таа цел. Истовреме, во потрага по развој на туристичкиот потенцијал во Северна Македонија навистина е од огромна важност, да се обезбеди почит за природното и културното наследство на самата земја и сите овие размислувања, служат како информација за 50-тина или слични проекти кои се поддржани од страна на Европската Унија преку нејзината програма за локална и регионална конкурентност ширум земјата“, кажа Гир.