Утрински Весник
Македонија

Поранешно „Матично“ ќе се реконструира во нов младински центар

Поранешно „Матично“ ќе се реконструира во нов младински центар

Градоначалниците на Центар и Град Скопје, Саша Богдановиќ и Петре Шилегов, како и претставници од Сојузот на извидници го најавија почетокот на градежните активности за реконструкција на објектот на поранешната Управа за водење матични книги – „Матично“, кое се наоѓа во склоп на општинските бараки.

Во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети”, организиран од страна на Општина Центар, а со поддршка од страна на Програмата за развој на обединетите нации – UNDP како спроведувач и Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC како донатор, одобрен е финансиски грант во износ од 50.000 швајцарски франци за реализација на три проекти кои се избрани од страна на граѓаните на одржаните форумски сесии мината 2019 година.

Младинскиот центар е еден од предлог проектите кои влегоа во финалната селекција, заедно со проектите „Отворени сцени“ и „Зајакнување на капацитетите на градинките за социјална инклузија – сензорни соби“, кои се во фаза на подготовка.

Со реконструкција на поранешниот објект „Матично“, Општина Центар ќе го отстапи просторот за реализација на програмските активности на Младинскиот центар, кој покрај основната цел ќе претставува и мултимедијален центар подобен и за други содржи во интерес на младите. Општината ќе кофинансира со 83 проценти од вкупниот износ за целосна реализација на проектот и отворање нов Младински Центар во градот.

„Особено се радувам дека белегот на градот Скопје и култниот објект „Матично“, после 52 години, за првпат ќе биде реконструиран во нов облик и функционален простор за промоција и афирмација на младинската мрежа. Креирањето на еден ваков одржлив и инклузивен центар за младите, ќе претставува сервисен центар, нов мултифункционален простор за реализација на разни едукативни активности за младинските и извидничките организации, како и неформалните групи на млади лица. Младите директно ќе бидат вклучени во креирање на политиките на локално ниво, ќе имаат соработка со основните училишта и ќе работат на социјалното вмрежување и поттикнување на неформалното образование“, истакна Саша Богдановиќ

Градежните и градежно – занаетчиските работи ќе се изведуваат на површина од 470 метри квадратни и ќе имаат за цел да обезбедат зголемување на енергетската ефикасност на објектот и обезбедување соодветни услови за лицата со посебни потреби. Ќе се врши целосна промена на кровниот покривач со поставување термоизолација, целосна реконструкција на водоводната и електричната инсталација, промена на нова фасадна столарија со нови енергетско ефикасни прозори, како и поставување нови подови, ѕидни облоги, нови тоалети и ново осветлување.

Вкупното чинење на реконструкцијата ќе изнесува 6.941.282,00 денари со влучен ДДВ. Општина Центар ќе обезбеди 83 проценти од финансиски средства, односно 5.768.074,00 денари од Буџетот на општината за 2020 година, а останатите 1.173.208,00 денари ќе бидат обезбедени од Програмата за развој на обединетите нации – UNDP во форма на донација.
Градежните активности се планираат да завршат во наредните 50 дена.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Владата повторно ќе му помогне на ЈСП ако не успее тендерот за нафта

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи