Утрински Весник
Култура

Стефоска во Курбиново, Љубојно и кај споменикот од НОБ во Отешево

Стефоска во Курбиново, Љубојно и кај споменикот од НОБ во Отешево

Министерката за култура, Ирена Стефоска, изврши увид во тековните активности на неколку значајни културни добра во Преспанскиот Регион. Посетата ја започна со црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново каде е започната првата фаза од непосредната заштитата на архитектурата на ова непроценливо културно наследство од 12 век.

Како што информираше директорката на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола, Мери Стојанова, веќе се извршени сите подготвителни работи и се реализирани зафатите за превентивна конзервација на ѕидното сликарство, неопходни за започнување на првата фаза од реализацијата на проектот.

Истовремено, Стојанова информираше дека како надлежна установа веќе поднеле инцијатива за прогласување на црквата во Курбиново за културно наследство во опасност. Како што кажа министерката Стефоска, тоа ќе помогне да се мобилизираат сите професионални, материјални и специјалистички ресурси за да се обезбеди трајна заштита на ова културно добро кое по своите вредности е на ранг на најдобрите репрезенти на своето време, со светско значење.

Придружувана од градоначалникот на Ресен , Живко Гошаревски, министерката за култура Ирена Стефоска беше и во Љубојно. Пред училиштето „Димитар Влахов“, во кое пред 75 години се одржал првиот час на македонски јазик во револуционерна Преспа, Стефоска најави дека Министерството за култура се вклучува практично во заживување на ицијативата на Владата на РСМ за формирање на Центар за македонски јазик, токму во ова училиште, изградено пред 113 години.

Со оглед на фактот дека Љубојно, а со тоа и старото училиште, се прогласени за заштитена споменична целина, се работи на преземање на сите неопходни подготвителни работи за заштита и ревитализација на објектот. Во план е изготвување на проект преку кој ќе се изврши конзервација и реставрација на училиштето, кое во иднина ќе прерасне во нов, модерен повеќе-функционален центар.
Во рамки на денешените активности во Преспа, министерката Стефоска го посети споменикот на Преспанскот состанок во Отешево. Овој споменик е изграден во чест на значајните историски настани од 1943 година во пресрет на одржувањето на АСНОМ. Се работи за еден од спомениците од НОБ за кои министерката Стефоска неодамна најави дека ќе ги посети и ќе се заложи за нивна достојна заштита и афирмација. Во таа насока, Општината Ресен, како надлежна за одржување на споменикот, се заложи дека во најкус временски рок ќе ги преземе сите неопходни активности за негово соодветно одржување.

„Антифашизмот е заеднички темел на нашата државност и на заедничка Европа, затоа спомениците од НОБ мора да ги одржиме заради вредностите со кои заслужуваат да растат новите генерации“, порача министерката за култура Ирена Стефоска пред споменикот во Отешево, дело на македонскиот скулптор Јордан Грабулоски, од 1973 година.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“