Државниот пазарен инспекторат добил од Владата ветување дека следната година ќе им бидат одобрени бараните 20 нови вработувања. Директорот на инспекторатот Стојко Пауновски вели дека до тогаш, ќе се снаоѓаат како умеат.
„ Молиме бога инспекторите да бидат живи и здрави и да ги завршат работните задачи. Се што ни е дадено како задача максимално се трудиме да го испочитуваме. Нема место каде што требало да се направи контрола, а не сме ја направиле. Дваесет нови вработувања ќе имаме следната година и претежно ќе бидат инспектори“, рече директорот Пауновски.
Тој минатата недела се пожали дека Владата им го одбила планот за нови вработувања и им порачала да преземат вработени во администрација од другите институции, но неговиот став е дека за пазарен инспектор потребно е искуство и обука и преземањето не е решение на недостигот инспектори.
Директорот Пауновски вели дека бројот на кривични пријави за непочитување на мерките за заштита од коронавирусот почнал да опаѓа, а на терен забележале дека и граѓаните и економските оператори повеќе ги почитуваат мерките споредено со периодот досега.
Државниот пазарен инспекторат во периодот од 19 д 25 октомври направил 2523 контроли и 613 вонредни надзори за непочитување на мерките и прекршување на Законите. Поднесени се 19 прекршочни пријави и 8 кривични пријави.
„ Од кривичните пријави, три се за организираните свадби и веселби во Тетово, Боговиње и Гостивар. Останатите пет кривични пријави, од кои четири се за угостителски објекти во Гостивар, еден во Скопје, се поради непочитување на протоколите за работа на угостителски објекти особено во делот на бројот на поставени маси, растојанието меѓу масите и носење маски од вработените“, соопшти Магдалена Филиповска – Грашкоска, претседателка на Инспекцискиот совет.
Дополнително инспекторите, во истиот период, донеле 66 решенија и 29 прекршочни платни налози за прекршување на Законите за забрането пушење, угостителска дејност и заштита на потрошувачи.