Утрински Весник
Економија

Подобра координација меѓу институциите за навремена исплата на помошта од економските мерки

Подобра координација меѓу институциите за навремена исплата на помошта од економските мерки

Во подготовка на законските решенија за имплементација на економските мерки од четвртиот пакет да постои подобра координација меѓу надлежните институции и да бидат прифатени забелешките во однос на процедурите кои ги дава приватниот сектор, побара Комората на сметководители на Македонија на денешната прес-конференција. Само така ќе се донесат функционални решенија кои ќе овозможат предвидената помош за надминување на штетните ефекти од пандемијата врз стопанството да стигне до оние на кои им е најпотребна и нема да се остави простор за различни толкувања на законските одредби што ќе создаде дополнителна правна несигурноста.

„ Уште во фаза на подготовка на законските решенија мора да постои подобра координација меѓу сите надлежни институции, а особено меѓу Министерството за финансии и Управата за јавни приходи каде се обработуваат и систематизираат податоците за деловните субјекти врз основа на кои потоа се дефинираат критериумите и условите за добивање на помошта. Исто така критериумите и условите важно е да бидат прецизно и јасно дефинирани за да не ставаат простор за различни толкувања и конфликтни ситуации меѓу засегнатите страни“, изјави Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората на сметководители.

Таа посочи дека во законот за финансиска помош за исплата на плати за последните три месеци на 2020 година, кој се очекува да биде разгледуван во Собранието би требало јасно да се дефинира дали со предвидената помош треба да се исплати бруто или нето плата. Ако остане недефинирано, како што беше со уредбата за истата мерка во претходните пакети за економска поддршка, повторно може да се појават различни толкувања од надлежните институции и несигурност кај деловните субјекти.

Комората на сметководители потенцира и дека при носењето на законските решенија за економските мерки мора да се имаат во предвид рокови во кои тие треба да се имплементираат но и роковите кои веќе се дефинирани во другите важечки закони, како и реалното време кое е потребно за да изготви документацијата за аплицирање.

„ Денеска сме 27 октомври, а законот за финансиска поддршка за исплата на плата за октомври, ноември и за декември уште не е донесен. Пријавата за добивање на финансиска помош ќе треба да се поднесе најдоцна до 7 ноември, а за да може да се поднесе ќе треба да се направат и пресметки за остварени приходи и да се обезбедат сите потребни документи. Ако се земе во предвид како до сега функционираа работите кога беше во прашање аплицирањето за економските мерки, повторно товарот ќе падне на сметководителите, а некои претпријатија поради кусите рокови може и да не успеат да аплицираат и да останат без неопходната помош. Во нормални услови пресметките за исплата на плати почнуваат од 25-ти во месецот, за да може навреме да се исплатат личните доходи до 15-ти наредниот месец. Јасни и навремени законски решенија и подобра техничка институционална подготвеност за спроведување на истите е од голема важност за непречено функционирање на стопанството, особено во услови на криза “, изјави Андреева.

Благоја Грозданов, член на УО на Комората на сметководители истакна дека иако сметководителите очекуваа подобрување на нивниот статус и решавање на проблемите да се постигне со измени на Законот за вршење на сметководствени работи, законските измени повторно се носат во процес кој е нетранспарентен и не инклузивен.

„ Во услови на пандемија, спроведувањето на сите економски мерки во пракса беше токму на товар на сметководителите, како единствен линк меѓу државата и стопанството. Професионалното усовршување се одвиваше деноноќно следејќи и толкувајќи ги сите комплицирани, уредби, чести измени и нефункционалност на системи, и сите рокови беа уредно запазени и при рестриктивни мерки. Наместо давање на правна сигурност и заштита, со ваков начин на постапување без консултација со сите засегнати страни за реалните потреби на фелата и постапување според тоа, државата повторно ја занемарува значајноста на оваа професија и се соочува со ризик за неколку години да биде во недостиг на сметководители“, изјави Грозданов.

Тој појасни и дека сите професионални дејности кои нудат услуги имаат потреба од континуирано усовршување, a Министерство за финансии треба да ги отстрани сите недостатоци и недоречености за изведување на процесот.

„ Воедно би сакале да упатиме и апел до надлежните институции да размислуваат во насока на намалување на обемот и опфатот на податоците кои се бараат во даночните и статистичките извештаи и да размислуваат за продолжување на роковите заради тоа што огромен е товарот кој во услови на здравствено-економска криза на себе го понесуваат сметководителите. Не смее да се заборави дека тоа што во овие кризни услови се здравствените работници во својот сегмент тоа се сметководителите за економијата“, изјави Грозданов.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Денови на финансиска писменост – 24info.mk

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за идната година

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен