Само луѓето како мене се осмелуваат да поставуваат прашања во врска со климата, рече активистката за животна средина, Грета Тунберг, во интервју за британскиот неделник „Обсервер“.
„ За да излеземе од климатската криза, потребен ни е поинаков начин на размислување од оној што нè доведе до кризата. Луѓето како мене, кои имаат Аспергеров синдром и аутизам, оние кои не ги следат воспоставените социјални обрасци, не прифатија да избегнуваат важни проблеми. Ние се осмелуваме да поставуваме тешки прашања“, рече Тунберг.
Таа верува дека нејзината состојба и помогнала да го согледа светот и да гледа работи што другите не можат.
„ Убедете ги сите да гласаат за Бајден“ – пред неколку дена таа му даде јавна поддршка на кандидатот за претседател на Демократската партија, Џо Бајден.
„ Организирајте се и убедете ги сите да гласаат за Бајден“, напиша таа на Твитер.
Влијателното американско списание „Тајм“ ја прогласи Тунберг за личност на годината за 2019. Таа ги охрабри младите да протестираат против климатските промени.
За неа беше снимен 97-минутен документарец „Јас сум Грета“. Одржа говор пред Генералното собрание на Обединетите нации и јавно се спротивстави на американскиот претседател Доналд Трамп.