На 13 октомври, вторник, Националната галерија во објектот Чифте амам ќе го претстави ретроспективниот опус на академскиот сликар Павле Кузманоски. Официјалното отворање на изложбата е закажано за 18:30 часот со почитување на протоколот за физичка дистанца. За публиката, истата ќе биде достапна до 23 октомври 2020 година.
„Правата уметност не е ирационална… таа е реална, јасна, конкретна… нема лага, кокетирање и манипулирање.
Да се занимаваш со уметност, значи да се чувствуваш слободен, да бидеш дете и тогаш кога веќе не си, а пак да се занимаваш со уметност целиот свој живот, значи да ги ставиш емоциите на отворен простор, да зборуваш од срцето, да ја отвориш душата, заради што публиката ќе те награди и што е поважно, ќе те запамети.
Сега одново нашиот истакнат сликар, на наша голема радост, чувствува потреба да се претстави на јавноста, овој пат со голема изложба со преку стотина експонати, портрети на истакнати и знаменити личности, цртежи, мртви природи, акварели, познатите Менади, сведоци, Апокалипсата. На овој начин авторот ги споделува творечките размисли и дилеми , како и илјадниците медитации со емоционално поетско-лирски толкувања. Медитации кои траат со претставените ликови, неодсонуван сон низ дамарот на времето, за да остави траги во вечноста. Павле Кузманоски е „мајстор на нанавестувањето, на допирот, на балансот меѓу видливото и невидливото„ , а љубопитноста кон видливиот свет, бескрајното изобилство на бои, копнежот по непознатото е моториката на неговото сликарство. Вообличува личен концепт за светот, за аспектите на даденото поднебје… со само нему својствени ликовни инструменти ја допира и таговната психологија на Македонија, на етничкото подрачје и драматичната историја, лично видено од сопствен агол. Така, неговите сведоци се полни со тежок судбински фатализам. Ликови кои сведочат но и опоменуваат, порачуваат и потсетуваат на егзистенцијална ситуација.
Овие обликувани визии на луѓе преку блесоци на звучни акценти, „бунтовни„ треперења и „пантеистички„ немир, ја зголемуваат драматиката на сликата. Авторот ликовно се вивнува во претставите, експресивно доживеани. Метафорично – симболична замисла за човечката драма.
Вознемирот пред претставите на ликовите на сведоците го даваат импулсот при што е потенцирана драматиката, односно, планетарната човечка судбина. Овде Кузманоски дава посебен придонес во новата фигурација со поетика на ликовни реминисценции. Впечатлив е и неговиот импулсивен и точен потег кој ја следи формата на фигурите. Таквиот негов однос после долгогодишното истражување и патување во неговиот духовен универзум кон формата, бојата, ритамот, линијата, го одредува неговиот специфичен стил при што секогаш предизвикува внимание. Тоа е неговиот звезден миг за создаденото, остварувајќи ја задачата на уметникот да го одржува воодушевувашкото човечко чувство.
Неговата верба е дека естетското освојување на светот е единствената можност вистински да се хуманизира денешнава цивилизација. Ова е пораката што ни ја упатува Кузманоски со оваа изложба“, се вели во најавата за изложбата.
Куратор на проектот е Љупчо Маленков, виш кустос во Националната галерија на Република Северна Македонија.