Утрински Весник
Свет

(Видео) Американскиот амбасадор во Израел: Победата на Бајден е лоша за Израел

(Видео) Американскиот амбасадор во Израел: Победата на Бајден е лоша за Израел

Американскиот амбасадор во Израел, Дејвид Фридман, предупреди во неделата дека победата на Џо Бајден ќе има сериозни последици за Израел и земјите од Заливот, особено во однос на Иран.

„Ако Бајден победи, ќе видиме промена на политиката, што, според мое лично мислење, ќе биде погрешно и ќе биде лошо за регионот, вклучително и за Израел, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Катар и за Кувајт“, изјави Фридман за „Ал-аин њуз“.

Тој го нарече ЈЦПОА, инициран од Обама во 2015 година, најлошиот договор воопшто.

„Како што знаете, Џо Бајден беше дел од администрацијата на Обама која преговараше и го спроведуваше договорот за Иран, нешто што претседателот Трамп – и јас го делам неговиот став – смета дека е најлошиот меѓународен договор што САД некогаш го склучиле. Договорот создаде пат за Иран да добие нуклеарно оружје“, рече Фридман.

САД и Израел предупредија на клаузулата со временско ограничување на важност од договорот, која ќе ги отстрани нуклеарните ограничувања на Иран во рок од една деценија и ќе му овозможи да ја набави бомбата.

Фридман ги поздрави строгите економски санкции на администрацијата на Трамп врз Иран, насочени кон притисок врз режимот да ја запре програмата за збогатување на ураниумот и балистичките ракети, но предупреди дека Бајден може да го врати наназад целиот напредок.

„Ние сме на многу добра позиција со санкциите за Иран и сметаме дека ако продолжиме по овој пат, на Иран нема да му преостане друг избор, освен да стави крај на својата активност. Работевме навистина напорно за да го донесеме Иран на многу подобро место. Не би сакал да мислам дека новата администрација ќе го поткопа тоа, но, за жал, ако Бајден победи, претпоставувам дека би можеле“, додаде тој.



Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Инфлацијата во еврозоната се искачи на 2,3 отсто

Зеленски назначи нов командант на копнената војска

Најголемиот електричен авион ќе полета следната година