Утрински Весник
Свет

Макрон: Повеќе од 300 сириски исламисти пристигнале во Нагорно-Карабах преку Турција  

Макрон: Повеќе од 300 сириски исламисти пристигнале во Нагорно-Карабах преку Турција  

Франција потврди дека повеќе од 300 радикални исламисти од Сирија пристигнале во зоната на конфликтот во Нагорно-Карабах преку турски Газијантеп, рече францускиот претседател Емануел Макрон по првиот ден од самитот на ЕУ во Брисел, пренесува ТАСС.

„Можам со сигурност да потврдам дека повеќе од 300 сириски исламистички милитанти, претходно изнесени од зоната во Алепо, се распоредени во зоната на конфликтот во Нагорно-Карабах преку турски Газијантеп да учествуваат во непријателствата од страната на Азербејџан. Ова е потврден факт, тие лица се идентификувани и следени и сите имаат врски со терористичката група Исламска држава“, рече тој.

„Разговарав за ова со претседателот Владимир Путин, кој потврди дека и Русија е информирана. Однесувањето на Турција е недостојно за земја членка на НАТО, сметаме дека ваквите активности се тотално недозволиви. Во овој случај црвената линија веќе е премината“, додаде Макрон.

Францускиот лидер нагласи дека Франција и другите копретседатели во групата од Минск на ОБСЕ за Нагорно-Карабах – Русија и САД, ќе излезат со низа иницијативи за запирање на конфликтот.

„Русија, САД и Франција, како копретседатели на групата од Минск на ОБСЕ, ќе преземат низа иницијативи за запирање на конфликтот во Нагорно-Карабах во најкус можен рок“, рече тој.

Во меѓувреме, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, рече дека лидерите на ЕУ ја повикуваат Турција да престане да се меша во прашањето на Нагорно-Карабах и да игра конструктивна улога во деескалацијата на ситуацијата.

„ Да, секој треба да игра поконструктивна улога за промовирање на деескалацијата. Ние сакаме странското мешање да престане, тоа само ја отежнува ситуацијата“, рече тој.

На 27 септември Баку објави дека позициите на азербејџанската армија се интензивно гранатирани од Ерменија. Ереван, од своја страна, тврдеше дека вооружените сили на Азербејџан почнале офанзива во правец на Нагорно-Карабах гранатирајќи ги населените места на непризнатата република, вклучително и главниот град Степанакерт.

Двете страни пријавија жртви и меѓу цивилното население. Ерменските власти прогласија воена состојба и најавија мобилизација. Азербејџан воведе воена состојба на целата територијата.

Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за планинскиот регион Нагорно-Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но главно населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година кога автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан.

Во периодот 1992-1994 година тензиите зовреа и ескалираа во големи воени акции за контрола над енклавата и седумте соседни територии кога Азербејџан ја изгуби контролата над нив. Разговорите за решението за Нагорно-Карабах траат од 1992 година под закрила на групата од Минск на ОБСЕ, предводена од нејзините тројца копретседатели – Русија, Франција и САД.



Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Германија ја обвини Кина дека употребила ласер врз германски авион

Еден прободен, седум полесно повредени во трките со бикови во Памплона

Израел ќе изгради камп во Појасот Газа за 600.000 Палестинци