Утрински Весник
Свет

Азербејџанските сили тврдат дека уништиле ерменски ракетен систем во Нагорно-Карабах

Азербејџанските сили тврдат дека уништиле ерменски ракетен систем во Нагорно-Карабах

Министерството за одбрана на Азербејџан во средата објави дека вооружените сили на земјата успеале да го деактивираат ерменскиот ракетен систем земја-воздух „С-300“ за време на вооружените судири во зоната на конфликтот во Нагорно-Карабах, пренесува ТАСС.

„За време на борбите на територијата на населбата Шушакенд во областа Хоџали (Мартуни) беше уништен противвоздушен ракетен систем С-300 кој му припаѓаше на непријателот“, се вели во соопштението на Министерството.

Според агенцијата, за да ги врати изгубените позиции, ерменската страна концентрирала дополнителни сили во правец кон Матагиз и утрото на 30 септември се обидела да нападне.

Министерството за одбрана на Азербејџан предупреди во вторникот дека вооружените сили на земјата ќе ги уништат ерменските ракетни системи за противвоздушна одбрана С-300 (АДМС) ако се појават во Нагорно- Карабах.

На 27 септември Баку објави дека позициите на азербејџанската армија се интензивно гранатирани од Ерменија. Ереван, од своја страна, тврдеше дека вооружените сили на Азербејџан почнале офанзива во правец на Нагорно-Карабах гранатирајќи ги населените места на непризнатата република, вклучително и главниот град Степанакерт.

Двете страни пријавија жртви и меѓу цивилното население. Ерменските власти прогласија воена состојба и најавија мобилизација. Азербејџан воведе воена состојба на целата територијата.

Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за планинскиот регион Нагорно-Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но главно населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година кога автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан.

Во периодот 1992-1994 година тензиите зовреа и ескалираа во големи воени акции за контрола над енклавата и седумте соседни територии кога Азербејџан ја изгуби контролата над нив. Разговорите за решението за Нагорно-Карабах траат од 1992 година под закрила на групата од Минск на ОБСЕ, предводена од нејзините тројца копретседатели – Русија, Франција и САД.

 

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Иран ќе го прифати договорот со САД ако бидат укинати санкциите

ТикТок го крши Законот за дигитални услуги на ЕУ, покажа прелиминарна истрага на ЕК

Најмалку 21 лице загина во сообраќајка во Мексико