Француските истражители во неделата проучуваа видеозапис, со кој наводно се презема одговорност за нападот со сатар во Париз, чија цел беше сатиричниот неделник „Шарли ебдо“, а владата го осуди чинот како исламистички тероризам.
Шест лица сè уште се во притвор вклучувајќи го и осомничениот сторител на нападот во петокот, кој тешко рани двајца пред поранешната редакција на „Шарли ебдо“ во Париз.
Сторителот е Хасан А., 18-годишник роден во Пакистан, според извор близок на истрагата. Тој им рекол на истражителите дека го извршил нападот за да се одмазди за реобјавувањето на карикатурите на пророкот Мухамед од страна на „Шарли ебдо“, кој беше цел на масакрот во јануари 2015 година од страна на исламистички вооружени лица.
Истражителите сега се обидуваат да го автентицираат видеото за кое веруваат дека го прикажува Хасан А. додека најавува дека ќе го изврши нападот.
„Го гледаме како плаче, како пее. Тој однапред презема одговорност за својот чин посочувајќи го како причина преобјавувањето на карикатурите. Тоа е еден вид манифест, тој најавува дека ќе дејствува Не станува збор за покажување лојалност кон некоја организација“, рече изворот, кој побарал да не биде именуван.
Осомничениот е роден во пакистанскиот град Манди Бахаудин и иако малку зборува француски, побарал преведувач за време на испрашувањето. Се верува дека тој влегол во Франција пред три години додека сè уште бил малолетен и не покажал ризик од радикализација и покрај тоа што еднаш бил запрен за носење оружје.
Двете лица ранети во нападот се вработени во наградуваната агенција за ТВ-продукции „Премиер лиње“, чии канцеларии се наоѓаат во истиот блок во кој се наоѓаше „Шарли ебдо“ во центарот на Париз. Сепак, се верува дека двајцата, чии животи не се загрозени, не биле конкретна цел.
Напаѓачот погрешно верувал дека редакцијата на „Шарли ебдо“ е сè уште во таа зграда и сакал да ги нападне новинарите од списанието.
Едно од уапсените лица беше ослободено ноќта. Но, главниот осомничен и осум други лица сè уште се во притвор. Меѓу нив е неговиот помлад брат на Хасан и луѓе што живеле со него на неговото последна адреса во северен Париз. Полицијата во неделата приведе и жена што живеела во истата адреса, рече судски извор, без да наведе повеќе детали.
Еден Алжирец, приведен блиску до местото на нападот, исто така беше ослободен. Неговата адвокатка рече дека нејзиниот клиент херојски го бркал напаѓачот.
Нападот се случи на три недели од судењето во Париз за осомничени соучесници во нападите на јануари 2015 година врз „Шарли ебдо“, една полицајка и еден еврејски супермаркет, во кои загинаа 17 лица. Крвопролевањето најавува бран исламистичко насилство во Франција, што досега одзеде 258 животи. Министерот за внатрешни работи, Жералд Дарманин, призна дека властите можеби станале поспокојни во врска со ризикот од терор по релативнотпо затишје во последните години.
„Се наоѓаме во крајно критична ситуација, во војна сме со исламистичкиот тероризам. Можеби колективно го оставивме ова зад на “, рече тој.
Дарманин рече дека заканата е сè уште реална истакнувајќи дека во последните три години биле спречени 32 напада.
„Има барем по еден месечно“, рече тој.
Центристичката влада на претседателот Емануел Макрон во последните неколку недели почна да користи сè поостра реторика за домашните безбедносни прашања во она што аналитичарите го сметаат за поместување кон десно. Антитерористичкиот советник на Макрон, Лоран Нуњез, изјави дека Франција се подобрила во откривањето на екстремистите, но дека сепак мора повеќе да ја затегне мрежата.