Словенија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на патот кон полноправно членство во Европската Унија, истакна претседателот на Словенија, Борут Пахор, кој престојува во дводневна посета на земјата.
Тој денеска оствари повеќе средби со државниот врв.
На состанокот што се одржа попладнево со премиерот Зоран Заев, Пахор ги поздрави остварените договори за добрососедство и пријателство со Бугарија и преспанскиот договор со Грција.
Премиерот Заев, изразувајќи особено задоволство за посетата на високата делегација од Словенија, истакна дека средбата ги реафирмира одличните билатерални односи меѓу двете земји, нивното сојузништво во НАТО и поддршката во процесот на пристапувањето во Европската Унија.
Претходно, Пахор и македонскиот претседател, Стево Пендаровски, положија венци на гробот на Гоце Делчев. Ова се случува во време кога револуционерот е тема во односите меѓу Македонија и Бугарија. Пахор истакна дека првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ треба да се одржи што е можно побргу, а одложувањето ќе го отежни наоѓањето компромис меѓу Скопје и Софија.
„Мојата денешна посета тука во Скопје не е случајна, времето на оваа посета не е случајно. Го избрав затоа што сакам како претседател на една од 27-те држави особено да нагласам дека сега е вистинска можност да не се одложува почнувањето на меѓувладината конференција“, рече Пахор додавајќи дека сега е вистинското време за солидарност меѓу 27-те земји членки и за дипломатијата да се потрудат да ја одржат првата меѓувладина конференција што е можно побргу без одложување.
На средбата со претседателот на Собранието, Талат Џафери, Пахор порача дека патот до ЕУ не треба да го кочат неправедни условувања.
Словенечкиот претседател утре ќе ја продолжи својата официјална посета во Охрид.