Кина им забрани влез во земјата на Клајв Хамилтон и Алекс Јоски, двајца австралиски научници.
Кинескиот дневен весник „Глобал тајмс“, повикувајќи се на неименувани извори, известува дека научниците се противници на Кина.
Кинеското Министерство за надворешни работи не ја потврди забраната за влез, но наведе дека земјата има право да забрани влез на кој било странски државјанин и ја обвини Австралија за напнатост во меѓусебните односи, објави „Ројтерс“.
„Ние силно се спротивставуваме на какви било активности кои намерно ја напаѓаат Кина, ја загрозуваат националната безбедност на Кина или шират дезинформации под изговор за студии и други академски активности“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Ванг Венбин.
Врските Австралија-Кина се оптоварени со трговски спорови, австралискиот повик за меѓународна истрага за потеклото на коронавирусот, кој првпат се појави во Кина кон крајот на минатата година, и обвинувања за кинеско мешање во австралиските внатрешни работи.
„Оваа забрана е сосема неочекувана, иако веќе неколку години сум на списокот на непријатели на Пекинг“, вели Хамилтон, професор по јавна етика на Универзитетот „Чарлс Старт“ во Австралија, во имејл испратен до „Ројтерс“.
Јоски, аналитичар од Австралискиот институт за стратешка политика, на својот профил на Твитер изјави дека забраната е последна во низата обиди на кинеската Комунистичка партија да ги казни оние што ги откриваат нејзините активности и дека тој, исто така, оценил дека ризикот од патување во Кина е преголем.