Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска имаше проштална средба со Кеико Ханеда, амбасадор на Јапонија во Република Северна Македонија, по повод нејзиното завршувањето на дипломатската мисија и заминувањето од земјата.
Во таа прилика Османи ѝ врачи плакета-благодарница на амбасадорката Ханеда за извонредниот ангажман и личниот придонес во развојот на билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Јапонија, посакувајќи ѝ успех во нејзините натамошни ангажмани во дипломатската кариера.
„Како прв јапонски резидентен амбасадор во нашата земја, оставивте длабок печат во развојот на односите меѓу Северна Македонија и Јапонија, особено преку вашето лично залагање и несебичната помош од Владата на Јапонија. Повеќе од 20 години добиваме донации и наменски проекти од народот на Јапонија, особено во здравствениот сектор, локалната самоуправа, образованието и останатите јавните установи што претставува исклучително позитивен придонес во развојот на сите овие сектори“ истакна Османи.
Во сличен тон, соговорниците ги оценија односите меѓу двете земји како исклучително пријателски, базирани на традиционалното партнерство и соработка.
Амбасадорот Ханеда се заблагодари за гостопримството и успешната соработка во изминатиот период и ја пренесе заложбата за натамошно продлабочување на билатералните односи, како и за подготвеноста на јапонската страна за продолжување на развојна поддршка на Република Северна Македонија.