Утрински Весник
Македонија

(Видео) Мицкоски: Бараме да предложиме независен јавен обвинител за борба против мафијата

(Видео) Мицкоски: Бараме да предложиме независен јавен обвинител за борба против мафијата

„Правдата во Македонија е нападната. Селективната правда денеска во Македонија е неправда. Имаме невини луѓе по затвори, луѓе кои страдаат поради самоволието на власта и мафијата. Зошто е тоа така? Затоа што во овој хибриден режим кој го констатираат европски институции се владее со терор, со притисок и реваншизам. Ништо не се смени за овие 4 години од мафија. Тие, како пред 4 години, така и денес ветуваат исти работи. Ќе имало правда, ќе имало ред, ќе имало дисциплина. 4 години живееме во состојба на “ќе”. Оваа “ќе” влада живее во очекувањата кои ги креира, и нема решение на проблемите кои што денеска се тешка сурова реалност“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на протестот во Скопје за „неправдите, реваншизамот и политичкото насилство“.

Според него, една помината ноќ на невин човек во затвор е потешка од 10 години робија на криминалец.

„Во затворите има луѓе кои се таму поради политички прогон, а оние за кои Заев велеше дека се криминалци денес гледаме дека се најблиски до него. Целта е едноставна. Двете мафии, онаа на Заев и онаа која му се покори да му служи, сакаат да има две партии, каде сложно ќе договараат кога да се смени власта, а тоа е тогаш кога ним им одговара. Но, имаат голем проблем во тој план. ВМРО никогаш, ама баш никогаш не се покорил и никогаш никој не го покорил. Кога економијата пропаѓа, кога банка со народни поради пљачката на мафијата оди во стечај, кога земјоделците протестираат и кога притисоците се засилуваат, а некому не му е јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ е тема на владините медиуми, јас ќе ви одговорам, реваншизмот е главен.

Поради сето ова има гласни медиуми кои во име на власта ја трујат вистината, и затоа има медиумски обрач кој низ розеви очила ја сервира грдата, тешка и болна реалност. Оваа Влада сака да ги слушаме со воодушевување и поласканост истите ветувања за правда кои 4 години ги даваат одново и одново. Тие мислат дека народот има меморија на аквариумска рипка и дека секој миг ни е ново доживување. Каква навреда од овие самобендисани мафијаши! До кога ќе ја чекаме правдата? 30 години на овој народ му поминува во некакво чекање. Доста е веќе со празни ветувања, треба да се делува, народот бара дела! Одбиваме да ги потрошиме нашите животи во чекање“, додаде тој.

Според Мицкоски, неправда е кога се тепаат новинари.

„Критичарите на власта добиваат крвава глава само затоа што зборат гласно за криминалот на мафијашите и нивните слуги исти како нив мафијаши. Зарем тоа треба да се одмолчи? Еве помина време да прашам до каде е тепањето на новинар, ги најдоа ли сторителите? Што е со судските процеси врз новинари, или пак тужбите кои ги добиваат новинарите и медиумите затоа што пишуваат за криминал.Неправда е кога медиуми се напаѓаат, етикетираат, прогласуваат за ‘државни непријатели’ за да се уценуваат нивните сопственици. Обвинителството молчи што стотици илјади евра остануваат непокриени во извештаите на СДСМ од кампањата, а власта врши прогон кон медиуми и ВМРО ДПМНЕ за законско рекламирање. Неправда е кога главната обвинителка е главен телохранител на мафијата. Неправда е кога убијците на децата од Смилковско се на слобода, а уставобранителите во затвор.

Неправда е кога Гордана Јанкуловска ја носат во затвор, а Заев се вози со истиот мерцедес и троши дополнителни 8 милиони евра за набавка на други возила.Во оваа држава владеат законите на криминалците. Разни криминалци се изживуваат и велат: ,,Ве чекаме во затворите, а таму тешко вам,, но, забораваат дека тракалото се врти! Тие не треба да се плашат од одмазда туку од правда, а таа ќе ги стигне сите порано или подоцна. Неправда е кога Луј Витон судството носи ‘трас трас’ одлуки кои ги диктира Заев, а истото молчи за рекетот, панамските пари и бизнис зделките на Заев и сомнителен бизнисмен за милионски бизниси во Тетово“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски вели дека судството и обвинителството се инструменти на мафијата, затоа нема никаква реакција. Мафијата е мафија зошто судството и обвинителството се клекнати на колена.

„Затоа, како прво бараме тоа што беше ветување дадено од мафијата кога мафијата беше во опозиција иако и после овие брутално покрадени талибански избори тие требаше да останат во опозиција, но за кратко ќе бидат во опозиција, бараме: овие мафијаши да си го исполнат ветувањето и да дадат можност опозицијата да предложи независен и непристрасен јавен обвинител кој ќе го исече од корен криминалот почнувајќи од првото дело па се до завршувајќи го последното.Без разлика на политичката припадност. Ова не би требало да биде пречка за Заев зошто истото го предлагаше пред да дојде на власт и пред мафијата да ја окупира држава
Ова не би требало да биде пречка за Заев затоа што истото го предлагаше пред да дојде на власт и пред мафијата да ја окупира државата“, вели тој.

Понатаму се бара под итно да се спречи реваншизмот, да престане реваншизмот притисоците и политичките етикетирања во администрацијата, војската, Министерството за внатрешни работи. На сите врз кои им е нанесена неправда, без оглед на припадноста и политичката ориентација ВМРО-ДПМНЕ им нуди бесплатна правна помош. Државава во моментов е без комисија за заштита од дискриминација. Затоа се бара најитно да се формира оваа комисија и да се донесе новиот закон за заштита од дискриминација.

„Сите предмети кои се познати во јавноста каде е почувствувано неправда, притисок, уцена и реваншизам, каде правдата не е заштитена, сите предмети за криминал за кои власта сега молчи ќе бидат отворени и предмет на ревизија, а подеднакво ќе биде предмет на анализа и зошто не се постапувало, а требало да се постапува.

Полна е устата со владеење на правото. Не може во Македонија да владее правото ако не се открие по чиј налог и чија наредба беа снимени незаконско прислушкувани илјадници наши сограѓани. Мора да се знае и за тоа некој да сноси одговорност, тој што ја дал таа наредба. Не може да има владеење на правото ако не се открие кој и зошто ги полнеше кутиите на референдумот, па имавме избирачки места со излезеност поголема од 99%. Не може да има владеење на правото, ако не се открие кој ги слушаше обвинителите и судиите. Сетете се само некако како јавноста да подзаборави на ова слушање на обвинителите и судиите кои што се обелодени на крајот од 2018 година.
Не може да има владеење на правото, ако не се откријат имињата на сите оние кои што се инволвирани во Рекет 1, Рекет 2 од прв до последен да одговараат за тоа што сториле.
Не може да има владеење на правото ако не се открие и форензички испита телефонот на Бојан Јовановски да видиме со кого комуницирал, за кој цели комуницирал и која била намерата на таа комуникација и таа преписка. За кого се градени старечки домови, кој и зошто бирал локации и зошто токму во тие општини се избрани тие локации“, рече Мицкоски.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Трајчулески: Тоа што Мицкоски е разочаран од Конгресот е добра вест за СДСМ

Колку реални се попустите за „Black Friday“: Маркетинг стратегија или вистински заштеди?

Чибишев: Воздух во Скопје станува алармантен, Здравјето нема цена !