Утрински Весник
Економија

Фондот за иновации додели финансиска помош на 87 компании

Фондот за иновации додели финансиска помош на 87 компании

Вкупно 87 компании, кои планираат да реализираат проекти во вредност од околу 3 милиони евра, се избрани во финалната селекција од повикот за ко-финансирани грантови за брзо прилагодување од Ковид-19, соопштија денес на прес-конференција во Владата, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски.

Овој инструмент е дел од третиот сет на мерки кој Владата го усвои за поддршка на граѓаните и стопанството, а за полесно надминување на социо-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19.

„Преку овој модел ФИТР обезбедува поддршка до 70% од вкупниот буџет на проектот, но не повеќе од 3.000.000 денари. Вкупниот број на компании кои аплицирале на повикот се 171, а одобрени предлог проекти, по финалната селекција се 87. Износот на инвестициски циклус за реализација на сите овие 87 проекти изнесува приближно 3 милиони евра, од кои побарани средства од ФИТР се во висина од 1,7 милиони евра, а средства од сопствено ко-финансирање се 1.3 милиони евра“, информираше вицепремиерот Битиќи.

Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, кажа дека оваа листа на компании може да се зголеми бидејќи на барање на Фондот, Комитетот за одлучување на инвестиции веќе им достави мислење на компаниите од финалната фаза, а кои не се на оваа листа, за кое може да се произнесат, а со тоа добиваат можност за повторно разгледување, по што ќе биде донесена конечната одлука за финансирање.

Повеќе од половина, односно 52% од овие компании се раководени од жени, а зголемен е и бројот на компании со седиште во помалку развиените региони. Споредено со претходните повици, регистриран е пораст во источниот (13%) југоисточниот (11%), вардарски (8%) и полошкиот регион (3%).

Инаку, од 87 компании кои ќе бидат финансирани во првиот циклус 66 компании, односно 76% по првпат аплицираат во Фондот, 15% по втор или повеќе пати без претходно добиена поддршка, додека само 9% се претходни корисници на средства.

Инвестициските планови на овие компании се однесуваат на воведување на нови технологии во работењето со што се зголемува конкурентноста и ефикасноста, како и за зголемена заштита и работа во услови на пандемија.

Најголем дел од нив се од областа на здравството 21%, продажба и трговија (14%), ИТ (10%), но и категориите како машинство, креативната индустрија, угостителство и текстилната индустрија. Според анализите во најголем дел се работи за мали (52) и микро (29) компании, како и 6 средни претпријатија. Овие компании вработуваат околу 1.296 лица и се очекува да ги реализираат своите инвестиции во следните 12 месеци.

 

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Петрушевска до опозицијата: Седум години покажувавте огромна негрижа, а сега зборувате за социјална правда

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија