Утрински Весник
Македонија

Османи: Предизвиците со Бугарија иако делуваат жестоко, тие се надминливи

Османи: Предизвиците со Бугарија иако делуваат жестоко, тие се надминливи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ги претстави приоритетите во неговиот мандат. Како прв и најважен приоритет Османи ги посочи добрососедските односи, за кои посочи дека покрај имплементацијата на билатералните обврски, влегуваат во нова фаза на долгорочно и стабилно пријателство

„Наш прв приоритет се добрососедските односи, кои влегуваат во нова фаза од нашиот севкупен политички и општествен развој. Додека бев во Вицепремиер за европски прашања користев една изрека која во Секретаријатот за европски прашања, која беше испишана на едно пано на сите јазици на соседите – ‘Убаво е да имаш добри соседи, но вистинска победа е да ги имаш за пријатели’. Денес, откако практично ги затворивме, или можеби подобар – поактуелен термин би било ‘ги врамивме’ сите отворени прашања со соседите, пред нас се отвора предизвикот да го преминеме скалилото на добрососедство, и да ги отвориме можностите на длабоко и долгорочно пријателство“, посочи Османи.

Во рамките на презентација на овој приоритет Османи се осврна и на актуелните предизвици со Република Бугарија, за кои посочи дека иако делуваат жестоко, тие се надминливи токму поради врамувањето на билатералните односи во рамка која е содржана во Договорот за добрососедство потпишан меѓу двете земји.

Покрај односите со соседите, како втор приоритет Османи посочи и на регионалната обврска на земјата за создавање долгорочна стабилност и де-балканизација на регионот.

„Во регионот сè уште има отворени прашања кои нè засегаат сите нас, а претставуваат и важен меѓународен приоритет. Ние мора да преземеме обврска дека ќе бидеме стабилни партнери на Европската Унија и САД на Балканот, земја на која можат да се потпрат во имплементацијата и промоцијата на регионалната стабилност. За таа цел, покрај активниот придонес во регионалните иницијативи, предвидуваме создавање и на наша автентична иницијатива – Регионален центар за дијалог – ‘Преспа форум’, кој ќе биде платформа за добрососедство и решавање на билатералните прашања, но и форум од каде ќе произлезат нови инцијативи за регионална соработка“, посочи Османи.

Како посебен приоритет Османи посочи и на оформувањето на преговарачката рамка и стартот на преговорите, а ги претстави и приоритетите на надворешната политика во рамките на самиот процес на преговори

„Во првите 100 дена фокусот на надворешната политика е заокружувањето на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, или формалниот старт на преговорите. За тоа се ставени сите капацитети во погон, и дозволете да изразам задоволство од работата на нашите дипломати, на нашите претставници, кои во ниту еден момент не дозволија нашата приказна да остане неискажана, аргументите необјаснети“, рече Османи.

Османи ја потенцираше и економската дипломатија како дополнителен приоритет на надворешната политика во претстојниот период.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

АПЕЛИРАМЕ НА ВНИМАТЕЛНОСТ – МОЖНИ СЕ ШТЕТИ: Од ноќта сабота кон недела во Македонија доаѓа силно невреме, кое ќе продолжи и наредната недела

СИРИЗА ја осудува провокативната најава од Мицкоски за прекршување на Договорот од Преспа

Генералот Ѓурчиновски во Брисел учествуваше на заседанието на Воениот комитет на НАТО