Утрински Весник
Македонија

Обвинителството поднесе жалба за условната казна за сообраќајната несреќа кај Млечен

Јавното обвинителство ќе поднесе жалба по пресудата за сообраќајката кај „Млечен“

Основното јавно обвинителство Скопје до Апелациониот суд поднесе жалба на пресудата за условна казна за сообраќајната несреќа што пред две годинии се случи кај Млечен, а во која загина едно лице. Обвинителството бара затворска казна за обвинетиот и смета дека првостепениот суд ставил акцент на олеснителните наспроти отежителните околности при носење на пресудата.

Обвинетиот беше прогласен за виновен за кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и му беше изречена алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор од 2 години која нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од 5 години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

Во несреќата загина 32 годишен маж, а неговата бремена сопруга го изгуби бебето и беше тешко повредена.

Надлежниот јавен обвинител оценил дека при одредувањето на санкцијата, првостепениот суд ставил акцент на олеснителните наспроти отежителните околности, што казната основно и објективно ја прави блага и неадекватна во конкретниот случај.

„Судот како олеснителна околност ја ценел слободната волја на изразено признание на вина за предметното кривично дело од страна на обвинетиот, кое придонело за брзо и ефикасно завршување на кривичната постапка, а воедно било и израз на подготвеност на обвинетиот да се соочи со последиците од своето дело. Но, јавниот обвинител смета дека признанието на вина во услови кога обвинетиот несомнено е свесен за доказите против него и за извесноста да се соочи со санкции, само по себе не треба да претставува цел на привилегирање на сторителот, особено кога се работи за кривично дело со несомнено тешки последици“, велат од Обвинителството.

Од таму велат дека како олеснителна околност Судот ги ценел и семејните прилики и возраста на сторителот, но јавниот обвинител истакнува дека токму возраста од 63 години не треба да ја намалува тежината на околностите, бидејќи станува збор за возач со долгогодишно искуство од кого се очекува да ги знае сообраќајните правила и прописи.

Како олеснителна околност од Судот е ценет и фактот дека обвинетиот и самиот претрпел трауми за време на сообраќајната несреќа, но во жалбата јавниот обвинител истакнува дека во пресудата овие трауми не се сразмерно одразени наспроти физичката болка и трауми кои ги доживеала оштетената, која се соочила со загуба на сопругот и на плодот, а и самата се здобила со тешки телесни повреди.

Изразеното сочувство и каење на обвинетиот по несреќата, изразени на главната расправа и преку писма до оштетената, за Судот претставуваат исто така олеснителна околност, но според јавниот обвинител, тие претставуваат нужен морален чин и граѓанска одговорност.

Истовремено, велат од Обвинителството, отежителните околности во пресудата се наведени без соодветна елаборација на правните аргументи, што довело до благ казнено-правен третман и објективно неосновано изречена кривична санкција, се наведува во жалбата.

Од тие причини, јавниот обвинител предложи Апелациониот суд да изрече построга казна односно казна затвор на обвинетиот и да му се изрече забрана за управување со моторно возило.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал