Утрински Весник
Свет

Мигрант под налог за депортација се предал откако убил свештеник

Мигрант под налог за депортација се предал откако убил свештеник

Бездомен нелегален мигрант од Тунис се предал по свирепото убиство на свештеникот Роберто Малгесини, кој беше убиен на плоштад во градот Комо, пренесува „Ил џорнале“.

Наводното убиство се случило во вторникот наутро на плоштадот „Сан Роко“. Телото на 51-годишниот свештеник е пронајдено во 7 часот наутро, а се верува дека починал од убодна рана во вратот. Тунижанецот веднаш ѝ се предал на полицијата и признал дека го убил отец Малгесини.

За време на признанието, Тунижанецот бил прекриен со крвта на свештеникот и на сослушувањето се пофалил дека отец Малгесини умрел „како куче“. Тој исто така тврдел дека свештеникот заговарал да го врати назад во Тунис.

За нелегалниот мигрант се вели дека претходно извршил кражби и грабеж.

Роберто Бернаскони, директор на католичката добротворна организација „Каритас“ во Комо, која им помага на мигрантите и барателите на азил, рече дека Тунижанецот има долга историја на ментални заболувања, почнувајќи од 2015 година. Потоа беше откриено дека полицијата утврдила оти убиецот бил во состојба на конфузија, но немал психијатриски проблеми за време на нападот.

„ Во Комо утрово, додека влегуваше во својата парохија, 51-годишен свештеник беше прободен до смрт од еден од многуте нелегални имигранти кои незаконски се наоѓаат во оваа земја. Проблемот не е бојата на кожата – може да се роди тука или од другата страна на светот – проблемот е почитување на правилата и покажување почит. Затоа што ако дојдеш во мојата куќа и почнеш да се мешаш, ќе те вратам во твојата куќа “, изјавил популистичкиот сенатор Матео Салвини.

Наводното убиство се случи само неколку дена откако Пакистанец се обиде да убие германски тинејџер во градот Котбус, тврдејќи дека тоа го сторил за да избегне депортација и само неколку месеци откако мигрант во Торино беше осуден на 30 години затвор за убиството на Италијанецот Стефано Лео. Човекот подоцна признал дека го убил младиот Италијанец затоа што бил бел и изгледал среќен.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Аналитичари: Русија напредува во Украина со најбрзо темпо од почетокот на војната

Парламентарното собрание на НАТО усвои резолуција за итна интеграција на Украина во Алијансата

Русија упати предупредување до Јужна Кореја: „Воздржете се од непромислени чекори“