Од утре, 15 септември до 18 септември во Музејот на современа уметност – Скопје ќе се одржи вториот дел на КРИК 05 – фестивал за критичка култура во организација на Контрапункт. Темата на фестивалот е „Конечноста и кршливото општество – социјализам, слобода и секуларност“, инспирирана од книгата на Мартин Хеглунд „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“.
На 15 септември, со почеток од 19:30 часот, ќе се одржи предавање на Елизабета Шелева во разговор со Мања Величковска – „Тропи на ранливоста (потеклото како долг или бегство од биографија)
Истата вечер од 21 часот, џез составот „Кадабајас“ ќе одржи концерт.
Наредниот ден, 16 септември, од 19:30 часот во МСУ ќе се одржи „Политичкото естетско: релационост, ранливост и антагонизам“ – предавање на Славчо Димитров во разговор со Артан Садику. Во истиот термин на 17 септември ќе има дијалог на Артан Садику и Станимир Панајотов од Бугарија, насловен „Смртта и сексуалноста.
На финалниот ден, 18 септември, од 19:30 часот ќе биде премиерно прикажан краткиот филм на Иван Блажев „All time is all time“, по што ќе се одржи „Пролегомена за една комунитативна ангажираност“ – предавање на Небојша Вилиќ, проследено со излагања и разговор со Натали Р. Павлеска и Јованка Попова.
Годинашното петто издание својата програма ја започна во јуни (во јунската програма гости беа Франко Берарди Бифо, Џули Реше, Светлана Слапшак, Томислав Медак и Алфредо Саад Фиљо) и ќе се одвива до декември.
Тимот на КРИК истакнува дека се фокусира на три главни, прилично деликатни области од нашето современо политичко и идеолошко опкружување, кои се клучни одредници за историјата на филозофската и политичката мисла: слободата, секуларизмот и социјализмот.
„КРИК оваа година ќе се обиде да отвори и конфронтира различни епистемиолошки перспективи, прашања и полемики поврзани со воспоставувањето на овој (гол) живот кој постои во рамки на загрозените, изопачените, неправедните, и угнетувачките општества, кои почиваат врз новите капиталистички наративи кои ја проголтуваат и уништуваат идејата за емпатични, солидарни заедници. Каков вид на политички, социо-културен и економски поредок би бил идеален/оправдувачки за нас како битија кои се соочуваат и не можат да ја прифатат сопствената смртност? Каков начин на живот треба да живееме и што треба да направиме колективно/заеднички, за да се овозможи коренита промена во идејата за заедниците? Како можеме да ги преиспитаме и повторно да ги земеме предвид концептите за слобода и еднаквост? Какви движења можеме да поттикнеме кои ќе го конфронтираат досегашниот концепт на заедници и ќе понудат праведни општествени концепти и практики?“, соопштува тимот на КРИК.