Втората вечер од 23. издание на Скопскиот филмски фестивал, помина во знакот на почетокот на програмата „Денови на квир кино“ која е дел од проектот Млади артивисти за промена поддржан од Министерството за надворешни работи на кралството Холандија.
Оваа програма е дел од проектот Stichting art.1 и Меѓународниот квир и мигрантски филмски фестивал од Амстердам во соработка со Скопје филм фестивал. Раководител на проектот е Антониј Караџоски, а во реализацијата на програмата учествуваше и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Пред публиката се обратија Крис Белони, директорот на Меѓународниот квир и мигрантски филмски фестивал, кој воедно е и селектор на оваа програма и заменикот на амбасадорот на Кралството Холандија, Роберт Декер, кој ги истакна човековите права како клучен фактор за развој на демократијата и општеството.
Програмата започна со проекција на документарниот филм „Добре дојдовте во Чеченија“.
Во рамки на оваа фестивалска програма од 9 до 13 септември се одржува петдневна филмска работилница која вклучува практична работа за основните филмски техники и камера, развивање на индивидуалните идеи за филм, работилница за монтажа, а последниот ден и создавање на 9 кратки филма. Предавачи и обучувачи на оваа работилница се професионалци од филмската индустрија од Холандија и Македонија.
Во фоајето на Кинотека на Северна Македонија како дел од програмата „Денови на квир кино“ беше отворена и изложбата на дела кои произлегоа од работилницата за Артивизам.
Артивизам е употреба на уметност како ненасилна метода за промена на менталитетот, премостување на јазовите и соочување со важни општествени прашања што предизвикуваат поделени мислења.
Сите проекции се бесплатни.