Утрински Весник
Свет

Трамп: Сакав да покажам смиреност во услови на епидемија

Трамп: Сакав да покажам смиреност во услови на епидемија

Американскиот претседател, Доналд Трамп, реагираше на објавувањето на интервјуто што го направи со Боб Вудворд со објаснување дека не сакал да реагира на пандемијата на коронавирус така што ќе изгуби контрола и ќе лудува, пренесува „Њујорк пост“.

Трамп разговараше со Шон Ханити од „Фокс њуз“ за аудиоизвадокот од известувањето на Вудворд, каде што претседателот вели дека „секогаш сакал да ја прикаже ситуацијата со вирусот како помалку сериозна“.

„Но, ако денес погледнете што реков, ќе сфатите дека реков ‘не паничете’. Не сакаме да излеземе од контрола и да полудиме. Не паничете“, рече Трамп за аудиоснимките кои биле снимени на почетокот на февруари и март.

Трамп ги истакна своите потези за ограничување на одредени патувања од Кина како одлучна акција за контрола на ширењето на вирусот.

„Направив нешто многу важно, на крајот на јануари ставив забрана за Кина. Никој не сакаше да ставам забрана за Кина“, рече тој.

Ограничувањата стапија на сила на 2 февруари и продолжија да дозволуваат патување во САД од територијата на Кина во Хонгконг и Макао. „Асошиејтед прес“ објави дека повеќе од 8.000 кинески и странски државјани од тие територии влегле во САД во првите три месеци по воведувањето на ограничувањата за патување.

Дополнително, повеќе од 27.000 Американци се вратија од Кина во првиот месец по стапувањето во сила на ограничувањата. Американските власти изгубија трага над повеќе од 1.600 од луѓето кои требаше да бидат набљудувани за изложеност на вирусот.

Иако Трамп за вирусот рече дека никој немал поим оти ќе биде толку сериозен колку што се покажа, тој исто така рече дека неговата администрација завршила одлична работа одржувајќи го бројот на жртвите понизок отколку што можело да биде.

„Можевме да изгубиме два до 2 и пол милиони луѓе. Ако ја погледнете стапката на смртност во споредба со другите земји, неверојатно е што сторивме. Завршивме неверојатна работа“, тврди Трамп.

Според Универзитетот „Џонс Хопкинс“, САД имаат повеќе од 190.000 смртни случаи од коронавирус – повеќе од која било друга земја. Трамп исто така рече дека државите погрешно се справиле со епидемијата и дека можеби ги чуваат на сила мерките од политички причини.

„Мичиген сè уште е затворен, вистинска штета. Тие не знаат што прават“, рече тој.

Трамп истакна дека неговата цел е да ја одржи силни економијата и духот на луѓето соочени со смртоносна пандемија.

„Јас сум навивач за оваа земја и не сакам да гледам паника“, рече тој.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков