На отворено и со максимален број посетители во предворјето на Кинотеката, вчеравечер свечено беше отворено годинешното издание на Скопје филм фестивал.
Во галеријата на Кинотеката беше отворена изложбата на верзии на плакати од филмовите на Фелини на меѓународно познатиот македонски уметник и дизајнер Зоран Кардула, која ќе биде отворена до крајот на фестивалот.
„Прашање беше, како и секаде, дали фестивалот треба да се одржи и во која форма, но одлучивме да го преместиме во септември и на отворено за да им овозможиме на гледачите колку што е можно да уживаат во подвижните слики. Бидејќи, како што се покажа насекаде во светот, особено со оглед на траењето на оваа вонредна состојба, публиката е желна за култура, која дефинитивно не е луксуз, туку потреба“, од името на фестивалот порача на отворањето актерот Павел Маслов.
Програмата ја отвори австралиско – британскот филм „Вистинската историја на Бандата Кели“ во режија на Џастин Курзел, а потоа започна и ретроспективата на филмови од големиот италијански режисер Федерико Фелини, на која присуствуваше и амбасадорот Н.Е. Карло Ромео, а пред публиката со воведен збор за делото на Фелини се обрати Марко Пешетели, советник за култура во амбасадата на Италија.
Од денеска (10 септември) до 12 септември во рамки на 23. издание на Скопје филм фестивал се одржува програмата Денови на квир кино овозможена во соработка со “International Queer & Migrant Film Festival“ од Холандија. Програмата започнува со документарниот филм „Добре дојдовте во Чеченија“. Селектор на оваа програма е Крис Белони, а сите проекции се бесплатни.