Утрински Весник
Свет

Оксфорд го стопира тестирањето на вакцината против Ковид-19, еден испитаник се разболел

Вакцината на Оксфорд е една од водечките во трката за заштита од коронавирусот

Последната фаза од клиничкото испитување на вакцината против Ковид-19 која ја развива Универзитетот Оксфорд е прекината откако кај еден испитаник била забележана неповолна реакција.

Вакцината, која заеднички ја развиваат Универзитетот Оксфорд и британско-шведската фармацевтска компанија „АстраЗенека“, е една од водечките кандидати во светот. Но, клиничкото испитување сега е стопирано поради случај на „необјаснета болест“, пренесува Би-Би-Си повикувајќи се на извори од „АстраЗенека“.

Компанијата го опишува привременото прекинување на испитувањето како „рутинско“.

Би-Би-Си наведува дека вакцината успешно ја поминала првата и втората фаза од клиничкото испитување и се очекуваше да биде меѓу првите вакцини што ќе се најдат на пазарот.

Третата фаза од истражувањето се спроведува на околу 30.000 испитаници во САД, Бразил, Велика Британија и Јужна Африка. Ова е фаза на клиничко испитување на вакцината која обично се спроведува на илјадници испитаници и трае неколку години. Третата фаза на сите локации сега е паузирана.

Независни истражители најпрво ќе ги разгледаат сите безбедносни податоци, а потоа регулаторите ќе одлучат дали испитувањето може да се започне од почеток.

„Во големи испитувања, болестите можат да се појават случајно, но независните тела треба да испитаат сè внимателно“, рекле од Оксфорд.

Ова е вторпат испитувањето на Оксфорд да биде стопирано. Во големи клинички испитувања тоа се случува кога волонтер завршува во болница без веднаш да се разјасни причината за болеста.

Се смета дека испитувањето може да продолжи за неколку дена. Стат Хелт, здравствената веб-страница што прва ја објави оваа информација, наведува дека деталите за несаканата реакција на испитаникот не се познати, но цитира извор кој вели дека очекува испитаникот да се опорави.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Песков: Бајден ги саботира мировните планови на Трамп за Украина

УНРВА: Во северниот дел на Појасот Газа нема вода, храна и лекови

„Фаненшл тајмс“: Русија регрутира платеници од Јемен да се борат во Украина