Утрински Весник
Свет

Курц: Погрешна беше политиката на отвортени врати за мигрантите

Курц: Погрешна беше политиката на отвортени врати за мигрантите

Политиката на ЕУ за отворени врати за мигрантите беше погрешна, рече австрискиот канцелар Себастијан Курц во интервју за словенечкиот портал „Сиол.нет“ и изрази задоволство што членките на ЕУ денес имаат поинаква позиција.

Во интервју за словенечкиот информативен портал, Курц истакна дека илегалната миграција и борбата против коронавирусот се главните предизвици со кои се соочува ЕУ.

Според австрискиот канцелар, политиката на отворени врати од времето на првиот голем мигрантски бран во 2015/2016 година, бил погрешен сигнал испратен до луѓето кои ги напуштиле своите земји и многумина од нив настрадале на патот кон Европа.

„Проблемот со илегалната миграција е далеку од решен. Има сè повеќе тешкотии со земјите на надворешните граници на ЕУ, мислам пред сè на Турција“, рече Курц и додаде дека ЕУ направила грешка пред пет години, кога нејзината политика на „отворени врати“ им овозможила на бегалците и мигрантите масовно да влезат во Европа.

„Европа тогаш направи грешка, таа одлука не беше вистинска и јас сум задоволен што денес имаме поинаква позиција“, рече Курц.

„Денес целта на Европската унија е да ги заштити нејзините надворешни граници“, посочи тој во интервјуто за време на работната посета на Словенија, додавајќи дека за таа позиција добил поддршка и од словенечкиот премиер Јанез Јанша.

„Важно е ЕУ да постапува според принципот на супсидијарност, да е блиска со нејзините граѓани. Мислам дека главниот предизвик за ЕУ ​​ќе биде успешно справување со илегалната миграција“, рече тој.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Интерпол уапси повеќе од 1.000 осомничени за кибер криминал во Африка

На сила стапи договорот за прекин на огнот во Либан

Еден ден по несреќата во Црвеното Море пронајдени се пет преживеани