Утрински Весник
Свет

Професорка од Аргентина заразена со корона, починала за време на онлајн настава

Професорка од Аргентина заразена со корона, починала за време на онлајн настава

Паола Де Симоне, 46-годишна професорка од Буенос Аирес, одржувала виртуелно предавање на своите студенти од нејзиниот дом бидејќи боледувала од ковид-19. Агенциите и медиумите јавуваат дека таа колабирала кон средината на часот и починала пред да стигне помошта.

Прв кој дошол до неа бил нејзиниот сопруг кој работи како лекар, но Паола Де Симоне веќе била мртва во тоа време, пишуваат локалните медиуми.

Универзитетската професорка предавала историја на 20 век, а нејзините студенти ја следеле преку камера. Во еден момент се пожалила дека има проблеми со дишењето, на што нејзините студенти ја замолиле брзо да им даде адреса за да можат да ги известат службите за итна медицинска помош да и помогнат.

„Не можам“, едвај изговори таа, а потоа падна, наведуваат медиумите.

Де Симоне не криела дека има здравствени проблеми.

„Многу е тешко. Овде сум (дома со вирусот) повеќе од четири недели и симптомите не исчезнуваат… Мојот сопруг е веќе исцрпен од толку многу работа”, гласела една од нејзините објави на Твитер.

Ана Бречи, нејзината 23-годишна студентка, ги опиша последните моменти на Де Симоне:

„Таа започна раскажувајќи дека има воспаление на белите дробови. Забележавме дека е во полоша состојба отколку на претходните предавања. Во еден момент веќе не беше во можност да ги менува слајдовите, не можеше да зборува и почна да ја губи рамнотежата“.

„Вашингтон пост“ цитира изјави од луѓе кои ја познавале и биле сведоци на нејзината посветеност на наставата, а студентите многу ја ценеле и ја сакале.

Во Аргентина, според податоците на Универзитетот Џон Хопкинс, досега се пријавени повеќе од 450.000 случаи на ковид-19, при што починале повеќе од 9.000 лица.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници