Викендов, под мотото „Потрага по допир“ се одржа шеснаесеттото издание на фестивалот Танц фест Скопје. На отворената сцена кај МКЦ, публиката уживаше во петнаесет авторски кореографии на млади домашни и гостински кореографии кои го одбележаа 30. јубилеј на македонската современа танцова сцена.
„Исклучително е чувството успешно да се реализира настан во овие околности, а особено годинешниот јубилеј од триестгодишното постоење на македонската танцова сцена. Работевме во рестриктивни околности, но публиката ја почувствува и се соживеа со љубовта што ја прикажавме на сцена. Особено се радувам што и покрај сè, имавме и гостински танчери, дел од програмата ФОКУС:САД кои на љубителите на танцот им покажаа една поразлична димензија, во живо и преку танцови филмови. Годинава на Танц фест Скопје дебитираа најголем број македонски кореографи што навистина ветува. Ќе продолжиме посветено да работиме и да ги шириме границите преку она што најмногу го сакаме – танцот“, изјави Рисима Рисимкин, уметнички директор на фестивалот и кореограф која оваа година прослави 30 година активно кореографско творештво.
Покрај младата кореографка Адријана Данчевска, која годинава, покрај авторската претстава се потпиша и на истоимениот прв македонски танцов филм „ДОМА“, со свои кореографии се претставија Ивана Коцевска, Дејан Битровски, Ивана Балабанова, Валентино Апостоловски, како и апсолвентите при УГД – Бобан Русески, Тереза Лазарев и Сара Цветковска.
Како дел од годинешниот репертоар, фестивалот за првпат ја претстави програмата ФОКУС, со кореографи и танчери од Соединетите Американски Држави – Меган Бриџ и Кристин Бонансеа, кои гостуваа на фестивалот, но и Шамел Питс, кој се престави преку својот танцов филм “Lake of Red”.
Традиционално, и оваа година се додели наградата „МЕНАДА за животно дело“, која ѝ припадна на американската танцова легенда, госпоѓата Џоан Мајерс Браун, и „МЕНАДА за млад уметник во областа на танцот“ со која се закити првата македонска балерина со професионален ангажман во рускиот Бољшој – младата Стефанија Гаштарска.
Како дел од дневната програма на фестивалот, се одржаа неколку танцови работилници со кореографките Меган Бриџ и Кристин Бонансеа, а свој настап како дел од програмта „Танцуваме со Виталија“ имаа и танцовите студија „Reverence” од Струмица, „УЛТРА“ од Куманово, „Анабела“ од Велес, „АКВА“ и “Beatrix Crew” од Скопје.
Дел од годинешните поддржувачи на Танц фест беа Министерството за култура, Град Скопје, американската амбасада и организацијата American Dance Abroad.
Покрај публиката која присуствуваше на отворената сцена во парк МКЦ, настанот беше проследен и интернационално, преку јутјуб-каналот на Танц фест Скопје.