Утрински Весник
Свет

Втор ден гори танкер во Индискиот Океан, се стравува од еколошка катастрофа

Втор ден гори танкер во Индискиот Океан, се стравува од еколошка катастрофа

Танкер со нафта регистриран во Панама гори втор ден без контрола во близина на брегот Шри Ланка. Се стравува дека голема количина нафта може да се излее во водите на Индискиот Океан.

Морнарицата на Шри Ланка и индиската крајбрежна стража со водени топoви го полеваат запалениот брод, додека хеликоптер на воздухопловните сили одозгора фрла вода на танкерот со назив „Њу Дајамонд“.

Неколку бродови на индиската морнарица се упатиле кон локацијата за да помогнат во гаснењето на пожарот на танкерот, во кој се наоѓаат 270.000 тони сурова нафта и 1.700 тони дизел.

Потврдено е дека еден член на екипажот од Филипините починал како резултат на експлозијата во просторијата со моторот на бродот во четвртокот.

„Останатите 22 члена на екипажот, петмина Грци и 17 Филипинци, беа евакуирани од бродот, а пожарот не се прошири на товарот што го превезува бродот“, соопштија официјални лица.

Центарот за управување со катастрофи во Шри Ланка (ДМЦ) вели дека нема опасност од излевање на нафта во морето.

„Не е толку лошо како што изгледа“, изјави директорот на ДМЦ, Суданта Ранасинге за АФП.

„Огнот не се прошири на товарот. Кога пожарот ќе биде изгаснат, бродот ќе биде одвлечен понатаму, во подлабокото море”, додаде тој.

Малдивите, кои зависат од риболов и туризам и имаат еден од најдобро сочуваните корални гребени во светот, изразија загриженост за можното излевање  нафта од танкерот.

Малдивите се наоѓаат на околу 1.000 километри југозападно од Шри Ланка.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Драма на аеродромот во Анталија, авион се запали – евакуирани 79 патници

Сибиха бара партнерите да и обезбедат на Украина системи за пресретнување на ракетите Орешник

Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд