Премиеркaта на Нов Зеланд, Џасинда Арден, најави дека мерките насочени кон борба против коронавирусот ќе бидат продолжени барем до средината на септември.
Властите претходно ги укинаа мерките за карантин во Окланд, воведени по влошувањето на состојбата минатиот месец, но јавните собири сè уште се забранети низ целата земја, додека носењето маски во возилата за јавен превоз е задолжително.
Арден посочи дека претпазливиот пристап е најдобрата долгорочна стратегија за побрзо отворање на економијата и враќање на слободите, пишува „Асошиејтед прес“.
Премиерката на Нов Зеланд исто така рече дека неодамна разговарала со други светски лидери, вклучувајќи ја и германската канцеларка Ангела Меркел, за опасностите од замор што луѓето ги доживуваат поради мерките за карантин.
Во Нов Зеланд, во последните 24 часа се потврдени пет нови случаи на инфекција со коронавирус, од кои три се поврзани со жариштето во Окланд, додека нема нови смртни случаи.
Од почетокот на пандемијата, 1.764 лица биле заразени со коронавирусот во Нов Зеланд, а 22 пациенти починале како резултат на Ковид-19.