Здравствената состојба на рускиот опозиционер Алексеј Навални покажува знаци на „одредено подобрување“. Ова го соопшти раководството на берлинската болница, кадешто тој се лекува како последица на труење.
„Постојат одредени подобрувања на симптомите предизвикани од внесувањето на супстанцијата во групата инхибитори на холинестераза“, велат од болницата „Шарит“, додавајќи дека Навални сè уште е во индуцирана кома и на апарат за вештачко дишење.
Раководството на болницата додава дека лекарите сè уште не можат да кажат дали Навални ќе има долгорочни последици од „тешкото труење“.
Навални, голем критичар на Кремљ, кој ја обелодени корупцијата во врвот на државата, беше примен во болницата во Омск на реанимација на 20 август, откако се разболе. Тој беше префрлен во Германија два дена подоцна, каде лекарите заклучиле дека има „траги од труење“.