Самостојната изложба на уметникот Мицко Мице Јанкуловски по повод 50 години од неговото творештво, која е поставена во мултимедијалниот центар „Мала станица“ од 18 август ќе продолжи до 25 септември.
Посетителите ќе можат да ја погледнат изложбата секој ден од 10 до 18 часот, а уметникот ќе биде во „Мала станица“ секој ден од 12 до 14 часот.
Мицко Мице Јанкуловски уште од најрана возраст започнува со сликарство и паралелно е многу активен на полето на цртежот, изложбената карикатура и сатиричното сликарство на стакло. Работата на анимирани филмови и пишувањето на палиндоми се истражувања преку кои ја задоволувал својата љубопитност и желба да се изрази и во други медиуми, но истовремено тие искуства го градат како уметник, така што денес професионалците во уметноста го препознаваат како мултимедијален уметник.
После 50 години творештво во различни медиуми, Мицко Мице Јанкуловски денес слика само со црна боја. На самите почетоци, слика различни форми во различни бои истражувајќи го визуелниот ефект и движење како резултат од нивната меѓусебна интеракција како форми и како бои, за да после 50 години открие дека црната ги содржи сите бои, дека природно се движи светлината, па почнува да слика големи платна со форми и растери само со црна боја, кои, вклучувајќи ја светлината како интегрален дел на сликата – создаваат бескрајни сензации…
Кога почнува да слика само со црна боја, покрај од боите, тој се ослободува и од четките, но што е уметноста ако не „… елиминација на непотребното“? (Пикасо)
Световите кои МИЦКО Мице Јанкуловски ги открива со црната боја веднаш ги виде професионалната јавност и ги препозна како исклучително значаен придонес во еден ексклузивен сегмент на уметници во историјата на уметноста кои сликале со црна боја. Како резултат на тоа следат награди на значајни манифестации ширум светот: Ел Греко награда за најдобар уметник (Арт Тесалоники 2019, Грција), Лоренцо ил Мањифико награда за животно остварување (Фиренца Биенале 2019, Италија), Награда Уметник на светот (Ларнака Биенале 2018, Кипар), Гран при (Меѓународно графичко биенале Варна 2017, Бугарија) … како и бројни покани за соработка од релевантни институции, музеи и галерии.